
Меркел: Полска и балтичките земји го блокираа дијалогот со Путин, по што следеше војна во Украина
Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека Полска и балтичките земји ги спречиле обидите за воспоставување директен дијалог со рускиот претседател Владимир Путин во 2021 година, што, според неа, влијаело врз избувнувањето на војната во Украина, додавајќи дека тврдењата дека унгарскиот премиер Виктор Орбан е руски „тројански коњ“ се апсурдни, пренесува лондонски Телеграф.
Препорачано
Во интервју за унгарскиот „Партизан“, Меркел изјави дека предложила директни средби со Путин за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите, но дека овие планови биле оспорени од некои членки на Европската Унија, вклучувајќи ги Полска, Литванија, Латвија и Естонија.
„Барав формат во кој ЕУ би имала директен контакт со Путин. Сепак, некои земји одбија. На крајот, овој недостаток на комуникација влијаеше на текот на настаните“, нагласи Меркел.
Во исто време, Меркел додаде дека обединетото дејствување на европските земји во врска со војната во Украина е клучно, нагласувајќи ја потребата од зајакнување на воената моќ на Европа, објави денес унгарскиот „Телекс“.
Кога беше прашана за односот со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Меркел вели дека тие често воделе долги и остри дискусии, но дека секогаш биле подготвени за компромис, отфрлајќи ги обвинувањата дека е ориентиран кон руските, а не кон интересите на ЕУ.
„Не, тоа е глупост. Ние не би се нашле на нешто такво“, одговори Меркел на прашањето на водителот дали Орбан е руски „тројански коњ“ во ЕУ, додавајќи дека таквото тврдење е апсурдно.
Кога станува збор за енергетиката, Меркел зборуваше критички кон Унгарија за тоа што продолжува да купува руски гас и нафта и покрај руската агресија, но призна дека Орбан постојано ги претставува економските интереси на Унгарија.
„Виктор Орбан отсекогаш ја претставувал својата позиција на европската сцена и честопати добро ја бранел унгарската позиција. Но, она што ми беше важно беше што на крајот најдовме заеднички решенија“, нагласи Меркел.