
Мелони ќе ги приближува ставовите меѓу Македонија и Бугарија? Мицкоски најави „поробусна акција“ по Нова Година
Италијанската премиерка Џорџа Мелони се очекува да се приклучи во приближувањето на ставовите меѓу Северна Македонија и Бугарија, соопштиле дипломатски извори за порталот на албански јазик Лидери.мк.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што наведува порталот, овие извори изразиле оптимизам дека директното вклучување на Мелони ќе даде позитивен импулс на приближувањето на ставовите меѓу Скопје и Софија, со цел да се најде заедничка основа и да се надмине проблемот што го блокира почетокот на преговорите за членство на земјата во Европската Унија.
„Мелони е идеална фигура за приближување на позициите на Република Македонија и Бугарија. Таа е моќна фигура во ЕУ, но и еден од главните американски сојузници во Европа во моментов“, изјавиле дипломатските извори за Лидери.мк., кои објасниле каде го темелат својот оптимизам за надминување на разликите меѓу Македонија и Софија во случај на вклучување на италијанската премиерка, додавајќи понатаму дека не станува збор за класично посредништво меѓу двете страни, туку за вклучување со цел унапредување на спорните прашања.
Оваа информација индиректно ја потврди и премиерот Христијан Мицкоски на брифингот со новинарите, кој се одржа во петокот. За суштинско поместување на прашањето со Бугарија, Мицкоски рече дека е потребна поробусна акција, која очекува да следува по Нова година. Тој нагласи дека клучно за тоа прашање е двете страни да имаат добра волја.
„Очекувам позитивен развој на настаните со Бугарија на почетокот на следната година. Разговаравме и со премиерот на една од трите најголеми земји од ЕУ“, рече Мицкоски.
Мицкоски: Поробусна акција за решавање на прашањето со Бугарија ќе има по Нова година
Иaко не го спомена името на земјата за која станува збор, сепак јасно е дека Италија се смета за трета европска сила по Германија и Франција.