
Мелони ја турка Италија по десниот колосек кон „Средната Земја“
Министерството за култура наводно издвоило 250.000 евра од буџетот за изложбата „Толкин: Човек, професор, автор“ во римската Национална галерија за модерна уметност
Веста дека италијанската премиерка свечено отвора изложба во Рим не би била толку невообичаена ако Џорџа Мелони нема неофашистички политички корени, а изложбата не е посветена на Џ.Р.Р. Толкин, авторот на фантастичниот свет на „Средната Земја“.
Препорачано
Додека „Господарот на прстените“, „Хобитот“ или „Силмарилион“ се литературни ремек-дела и лектира за низа генерации, екстремните десничари во Италија ги чувствуваат делата на Толкин за свој фиктивен манифест, со кој привлекуваат млади бунтовници кон своите идеи.
Мелони задутре ќе ја отвори изложбата „Толкин: Човек, професор, автор“ во римската Национална галерија за модерна уметност. Кога Мелони уште во предизборната кампања во јули ја најави изложбата, во говор пред подмладокот на нејзината партија „Браќата на Италија“, беше поздравена со громогласен аплауз. Сега медиумите пишуваат дека Министерството за култура наводно ја спонзорира изложбата со 250.000 евра од буџетот.
Толкин, за големо чудо на неговите љубители низ светот, е тесно поврзан со неофашистите во Италија, кои ги пронаоѓаат сопствените идеи во неговиот фантастичен свет на хобити, виленици, луѓе, волшебници и орки.
Мелони не крие дека е повеќе од „обичен љубител“ на творештвото на Толкин уште откако на возраст од 11 години ја прочитала „Господарот на прстените“. Веќе на 15 години таа се вклучила во подмладокот на ултрадесничарската партија Италијанско социјално движење и облечена како хобит на тематскиот фестивал „Хобит 93“, на кој свирела фолк-групата популарна меѓу десничарите „Компања дел Анело“ (Дружината на Прстенот). Омилен лик ѝ бил Семвајз Гемџи, простиот хобит што го придружува Фродо Багинс во мисијата да го уништи прстенот на злото и се враќа во своето село како херој.
Кога на возраст од 31 година беше избрана за најмлад воопшто министер во Италија, таа позираше покрај статуа од Гандалф – волшебникот од „Средната Земја“ на Толкин. Во кампањата за изборите лани таа често пати цитираше други ликови од фантастичните книги, а на завршниот митинг во Рим ја спомна судбината на Арагорн.
Иако Толкин повеќепати јавно ги отфрлал критиките дека неговите книги се алегорија на реалната ситуација во Европа и дека не содржат никакви прикриени политички пораки, особено не расистички или ксенофобни, италијанските десничари упорно ги цитираат неговите ликови и ја истакнуваат благородноста на нивните мисии. За тоа придонесол философот Елемир Ѕола, кој во воведникот за првото издание на „Господарот на прстените“ на италијански јазик запишал дека сагата е алегорија на „чистите раси загрозени од зли туѓинци“.
Мелони во интервју за „Њујорк тајмс“ изјави дека воопшто не ја смета „Господарот на прстените“ за фантазија, туку за „свет текст“ и ја споредува Италија со „пропаднатото кралство Нуменор“.
Финансиите за изложбата ги обезбеди министерот за култура Џенаро Санџулијано, кој важи за еден од најекстремните десничари во кабинетот на Мелони. Тој го истакнува Толкин како „посветен католик и што ги цени традицијата и заедницата“. Потсекретарката за култура Виторија Сгарби изјави дека токму Санџулијано „ја подготвил изложбата за да ѝ направи услуга на премиерката“.
– Делата на Толкин даваат приоритет на чувството за заедницата и природата, за традицијата, противењето на најконтроверзните и дехуманизирачки аспекти на модернизмот, саможртвувањето, пријателството, посветеноста и чувството на чест – наведува Санџулијани во најавите.
Изложбата посветена на Толкин е само дел од пошироката кампања на Братството на Италија да остави свој печат во културата. Џанпаоло Роси, новинарот што јавно го оправдуваше рускиот претседател Владимир Путин, е назначен за генерален директор на јавниот сервис РАИ, евроскептикот Алесандро Џули е претеседател на Националниот музеј за современа уметност, а десничарскиот новинар Пјатранџело Бутафуоко е назначен за претседател на Венециското биенале.
– Оваа сезона ќе паднат оградите. Ќе им се отвори дом на оние што досега го немаа – објави Бутафуоко.
Изложбата „Толкин: Човек, професор, автор“ опфаќа повеќе од 150 експонати – фотографии, писма и архивски документи од животот на Толкин, а издвоена е и мултимедијално одделение во кое гостите ќе може да „влезат“ во фантастичниот свет на „Средната Земја“ создадена од англискиот автор. Од Рим, изложбата в година ќе ја прошета цела Италија.