
Мекиќ: Сигурни сме дека публиката во Куманово ќе нè поддржи во голем број
Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија е во Куманово, каде за неколку дена ќе го одигра и првиот натпревар од втората фаза на претквалификациите за пласман на Светскиот куп во 2027 година во Катар.
Препорачано
Селекторот Марјан Илиевски, неговите асистенти и играчите, имаат можност да го почувствуваат сето она што го нуди реновираната арена во Куманово, каде на 2 август ќе ги стартуваме натпреварите од групата „Г“. Првиот натпревар е на 2 август против Романија од 20.00 часот, а седум дена подоцна следува дуелот на гости против Унгарија.
Адем Мекиќ е еден од најискусните играчи во составот, говори за она што е зад тимот, периодот на подготовките, и оние две контролни средби со Швајцарија, одиграни во Гевгелија:
– За нас, два особено битни натпревари, затоа што, како што сите добро знаеме, сме една подмладена репрезентација. Со многу нови лица, млади. Спој на младост и, за жал, нешто помалку искуство. Но на наша радост, огромна енергија и желба за натпреварување и победа. Одигравме два солидни натпревари со Швајцарија. За наша среќа, бевме успешни во двата натпревари. Видовме кои ни се позитивни, а кои негативни страни, и на она што треба повеќе да обрнеме внимание.
Во секој случај, задоволни сме, како работиме, како поминаа изминатите денови, имаме одлична тимска хемија. Со големо нетрпение, со голема радост ги дочекуваме овие натпревари. Знаеме дека Куманово е кошаркарски град. Сигурни сме дека публиката ќе нè поддржи во голем број, и се надеваме на позитивен резултат – вели Мекиќ.
Кошаркарите се селат во Куманово, селекторот Илиевски го скрати списокот