Е-плакатот за изложбата е дизајниран од македонската уметница Јасмина Главинче

Меѓународниот центар „Арт поинт – Гумно“ со ретроспективна изложба гостува во МКЦ – Скопје

Големата ретроспективна изложба на дела од постојаната колекција на „Арт поинт – Гумно“ од с. Слоештица, Демир Хисар, што летово беше поставена во преубавиот Офицерски дом во Битола, доаѓа и во Скопје.

Од 22-ри ноември до 2-ри декември, скопјани ќе можат да се запознаат со дел од извонредното уметничко богатство на меѓународниот центар за уметност и одржлив развој од с. Слоештица – 65 слики, скулптури и фотографии на уметници, претставници од неколку континенти од 20 земји од светот.

Оваа поставка ќе биде завршен, од низата настани со коишто годинава центарот го чествувше 20-годишното постоење. „Арт поинт – Гумно“ е визионерска рожба на семејството Андреевски. Од 2003-тата до денес, на креативното гумно во селото Слоештица, продефилираа, ни помалку, ни повеќе – 80 врвни уметници од целиот свет.

Организаторите изјавуваат дека „не случајно, завршниот настан по повод 20-годишниот јубилеј ќе се случи токму во Младинскиот културен центар, МКЦ – Скопје. Имено, една од заложбите на ’Арт поинт – Гумно‘ е да ги поддржи токму младите, талентирани творци, оние што се наоѓаат на почетоците од нивните кариери. Така, на изложбата, меѓу другите, ќе бидат изложени и дела од 20-тина млади уметници, а некои од нив, денес се веќе етаблирани автори.“

Ирена (Сергејца) Андреевска / Фотографија: Сашо Алушевски

Свеченото отворање на изложбата во МКЦ ќе се случи во среда, 22-ри ноември, со почеток во 20 часот. За активностите на уметничкото гумно ќе говори младата македонска писателка, уредник и преведувач – Јулијана Величковска, којашто вели дека секоја посета на ова единствено гумно ја доживува како празник.

Проектот е делумно поддржан од македонското Министерство за култура, а оваа изложба се реализира во соработка со МКЦ – Скопје, известија Ирена и Сергеј Андреевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот