Дело на фотографката Јана Хунтерова од Чешка

Меѓународната уметничка колонија „Арт поинт – Гумно“ ќе заврши со отворено студио во селото Слоештица

Во отвореното студио на Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт поинт – Гумно“ во с. Слоештица, Демир Хисар, на 29 јуни, од 18 до 21 часот, љубителите на уметноста ќе можат да ги видат делата создадени за време на годинашната уметничка работилница.

Темата што ги инспирираше уметниците коишто годинава гостуваат на меѓународната уметничка колонија „Арт поинт – Гумно“ е со наслов „Слоештица – име за цел еден свет“.

Во периодот од 15 до 30 јуни, десет уметници од Македонија, Грција, Чешка и Србија создаваа скулптури, слики, фотографии и видеа што ја отсликуваат надреалната реалност од горно демирхисарските простори, непресушната инспирација и на Петре М. Андреевски. Преку темата на оваа колонија, всушност и „Арт поинт – Гумно“ ја чествува 90-годишнината од раѓањето на книжевниот великан.

Домаќините на колонијата, Ирена, Воскресија и Сергеј Андреевски, особено се горди на скулптурата што по овој повод ја создаде македонскиот уметник Никола Пијанманов, а е инспирирана од култната поетска збирка „Дениција“ на Петре М. Андреевски.

– Скулптурата е материјализација на поетската збирка „Дениција“. За нејзиното остварување размислувам со години, но мигот на реализација се случи сега, во склоп на уметничката колонија „Арт поинт – Гумно“, во Слоештица. Скулптурата самата по себе е контраст: нежност, поезија, лирика и структура од најсуровиот материјал, железо. На подлогата е изгравиран стихот: „За таа топола меѓу две пустини, меѓу две планини“. Таа е девојка, муза која како и митолошкиот лик Дафне, се преобразува во дрво, токму во мигот кога требало целосно да му се предаде на поетот, на оној кој ја љуби. Музата доживува целосна метаморфоза. Телото станува стебло на топола, а во рацете-гранки носи еден лист, како акцент на вертикалната композиција на постоењето. „Дениција“ е возвишено/трагична љубов која се трансформира во надземна состојба, како симфонија на сакањето, творењето, себежртвувањето, смислата на љубовта и смртта. Благодарен сум што овој споменик на поезијата на Петре М. Андреевски си го најде вистинското место во Слоештица, духовниот и физички дом на Петре, местото во кое се родила најмагичната книга „Дениција“ – истакнува Никола Пијанманов.

Скулптурата „Дениција“ на Никола Пијанманов

Освен Пијанманов, годинава, на креативното гумно твореа и македонскиот скулптор и копаничар Драган Докоски; професорот на ликовната академија во Ниш, Србија – Мирослав Живковиќ; Харис Савидес, архитект и фотограф и сликарката Снежана Восу од Грција; како и чешката фотографка Јана Хунтерова.

Куриозитет е податокот дека на самиот почеток на оваа колонија пристигнала веста дека Јана Хунтерова ја добила престижната Прва награда на филмскиот фестивал „Чешки визии“. Наградено е нејзиното предлог-сценарио за краток документарен филм инспириран од нејзините претходни истражувања на т.н. „Крајолици на човештината“ низ демирхисарските села. Наградата ќе ѝ овозможи реализација на сценариото.

Гости на колонијата беа и поетот, музичар и сликар Владимир Мартиновски и неговиот син Филип, студент на ФЛУ во Скопје. Годинава, на уметничката екипа им се придружија и домаќините, Воскресија и Сергеј Андреевски. Проектот „Арт поинт – Гумно“ во с. Слоештица, Демир Хисар, е делумно поддржан од македонското Министерство за култура.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот