
Меџити ќе распише тендер за КАТО систем на Онкологија до 5 јануари
Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска откри дека до 5 јануари ќе биде распишан тендерот за КАТО системот за компјутерска подготовка на цитостатици на Клиниката за Онкологија. Како што објави „Слободен печат“, овој систем бил набавен на Клиниката за онкологија пред години, ама не функционирал, а 15-те медицински сестри што поминале обука со фармацевтка од Белград во 2017 година, веќе си заминале од Клиниката, па сега освен што треба да се обновуваат софтверските лиценци, ќе треба да се бара и медицински персонал на УКРО кој пак ќе треба да помине обука и да научи да работи на КАТО системот. Ова ќе биде предизвик, со оглед на тоа што кај вработените на Клиниката за онкологија постои нескриен отпор против овој систем кој го демонстрираа и во своите излагања на Анкетната комисија за скандалот Онкологија во Собранието.
Препорачано
Министерот Меџити е оптимист – вели ќе обезбедиме 15 медицински сестри што ќе работат на КАТО, ама дајте ни време.
Запрашан што ќе се бара со тендерот што ќе биде објавен до 5 јануари, не беше сигурен и побара време да провери.
-До 5 јануари ќе биде распишан тендерот за КАТО системот на Клиниката за онкологија. Потребен е едуциран кадар кој треба квалитетно ефективно да работи. Тој кадар што бил обучен за КАТО на времето веќе не е на Клиниката за онкологија и затоа ние се спремаме. Да бидеме точни, да почне да работи како што треба, да не се соочуваме подоцна со непредвидени последици и работи што не сме ги планирале. Затоа сакаме многу концизно да постапуваме, рече Меџити.
На прашањето ќе најдат ли 15 сестри да се обучат за КАТО, Меџити одговори потврдно.
-Ќе најдеме се што треба. Нема кај нас во кабинетот со заменичката нешто што не можеме да го најдеме. Тоа дека ни треба време ни треба, ама нема да отстапиме од ништо. Во секојдневното наше работење гледате дека не е како порано, работите се движат во добар правец, рече министерот за здравство.
На Онкологија ги боли глава од КАТО системот, а во 250 болници низ цела Европа – не ги боли!