
Медицински феномен: Човек осум години живеел со нож во градите без да знае
Еден маж од Танзанија осум години живеел со сечило од нож во градниот кош, а притоа воопшто не забележал. Лекарите неговиот случај го опишале во научен труд кој неодамна бил објавен во списанието „Журнал оф сурџикал кејс рипортс“.
Препорачано
Мажот на 44-годишна возраст се јавил на лекар откако под десната брадавица му се појавила рана од која истекувала гнојна течност. Сепак, тој не чувствувал болки ниту имал потешкотии со дишењето, а сите витални знаци му биле нормални.
За време на прегледот, пациентот раскажал дека пред осум години бил повеќепати избоден со нож во градите, грбот, стомакот и лицето за време на „насилна расправија“. Тогаш не било направено снимање, туку добил само површна прва помош за бројните убодни рани.
Кога лекарите направиле снимање на градниот кош, откриле голем метален нож кој пациентот го добил во грбот за време на тој стар конфликт.
Сечилото на ножот поминало меѓу петтото и шестото ребро на грбот на пациентот и таму останало, додека врвот на ножот бил меѓу третото и четвртото ребро напред.
По трауматска повреда на градниот кош не е невообичаено дел или цел предмет што продрел да остане во градната празнина. Најчесто станува збор за мали балистички проектили, како куршуми, кои тешко се лоцираат и отстрануваат.
Но, исклучително ретко е големи предмети, како убодни оружја, да останат во градите. Такви случаи се многу ретко документирани во медицинската литература. Во повеќето ситуации овие предмети не остануваат незабележани со години; обично се идентификуваат и отстрануваат за неколку недели или месеци, наведува извештајот.
Во овој случај, самото тело го заштитило пациентот од големото страно тело во неговиот градeн кош, па тој извршувал вообичаени активности и живеел нормално сè додека врвот на ножот не навлегол подлабоко во ткивото на градите. Компјутерска томографија (CT) покажала залечени фрактури на лопатката и неколку ребра, а околу сечилото се создал слој гној и мртво ткиво.
Еден од начините на кои телото се брани од туѓи предмети е процесот на формирање фиброзна капсула – имунолошкиот систем го обвиткува предметот со колаген и влакна за да го ограничи оштетувањето и воспалението. Таквото „инкапсулирање“ на ножот веројатно му овозможило на пациентот осум години да не знае дека има сечило во градите, се наведува во извештајот.
Хирурзите успешно го отстраниле ножот и пациентот по десет дена бил пуштен дома без никакви компликации, пренесува „Лајв саенс“.