Медицинска сестра крадела цитостатици од Клиниката за онкологија, по распитот се предозирала со лекови

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Вработена на Клиниката за онкологија крадела цитостатици од Клиниката, кои биле вредни илјадници евра, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори.

Министерството за внатрешни работи во својот билтен информираше дека вработената работи на Клинички Центар, вози „Рено Клио“ во кое возило биле пронајдени ампулите, но без да информира дека се работи за скапи лекови за најризичните групи пациенти, кои со месеци се жалат на нивен недостаток.

За конкретниот случај ќе има и судска постапка за кривично дело „послужување“, а непознато е во колкав временски период вработената ги крадела ампулите, најверојатно за препродавање.

„Слободен печат“ дознава дека во вторникот наутро кај медицинската сестра кој работела во дневната болница на Клиниката за онкологија, со 10-годишен работен стаж, пронајдени биле 20-тина ампули од различни видови цитостатици. Кражбата била регистрирана претходниот ден на камерите во болницата. По распитот сестра се вратила дома и се предозирала со поголемо количество апчиња и била згрижена на Клиниката за токсикологија, од каде денеска е пуштена во добра здравствена состојба.

Клиниката за онкологија пред неколку месеци се соочуваше со претставки до народниот правобранител, од пациентки со канцер на дојка, кои што се жалеа дека не им е обезбедено правото на здравствена заштита, односно секој месец наместо да ги добиваат ампулите, тие ги добивале со доцнење, кое за нив може да биде животозагрозувачко. Стануваше збор за ампулите Херцептин, кои треба да се примаат на секој 21 ден, а пациентките беа доведувани во ситуација да ги прескокнуваат.

Екс министерот за здравство Беким Сали во една прилика откри дека Клиниката за онкологија е во финансиска дупка од 13 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот