
Мециновиќ: Џабе забраните, ќе водиме кампања на улица и ќе се бориме против приватизацијата на „Дрисла“ и „Комуналец“
Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, порача дека ако тој стане градоначалник и партијата добие мандат во Советот на Град Скопје, првин ќе се сретнат со работниците во јавните претпријатија за да разговараат за нивните услови за работа.
„Забраната за политичко рекламирање нема да ја сфатиме како пресудна пречка во оваа кампања. Кампањата ја префрламе на улица, без бини и микрофони. Ние ќе бидеме од наутро до навечер присутни на улиците каде што скопјани и секој поединачно ќе можат да дојдат до нас и да разговараат“.
Препорачано
Ова го порача кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција.
Во следните 20 дена од изборната кампања, Мециновиќ најави фокус на состојбата во Град Скопје и во јавните претпријатија. Посочи дека постои план за нивна приватизација, а како пример ја даде депонијата Дрисла.
– Ако ни биде доверен мандатот во Советот на Град Скопје и на позицијата градоначалник, првото нешто што ќе го направиме е да слеземе кај работниците. Ќе седнеме со сите работници на јавните претпријатија и ќе разговараме за условите во кои тие работат – рече Мециновиќ.
Според него, јавните претпријатија со години се запоставувани намерно, за да се оправда нивната приватизација.
– На 6 септември најавивме дека постои план за приватизација на „Комунална хигиена“ и на „Дрисла“. Четири дена подоцна премиерот Христијан Мицкоски, кој ја оркестрира и забраната за Левица, го потврди тоа, рече дека ќе има јавно-приватно партнерство за претпријатијата, вклучително и за ЈСП – додаде Мециновиќ.
Тој истакна дека „Дрисла“ е единственото јавно претпријатие кое генерира приходи за Град Скопје, а неговата приватизација би значела директен удар врз јавниот интерес. „Дрисла“ треба да се унапреди, додава тој, а не да се приватизира.
– Но, не можеме друго да очекуваме од партии чијашто единствена цел е приватизација на капацитетите на државата и на градот, партии кои во последните четири години го уништуваа и блокираа јавниот интерес на граѓаните на Скопје – нагласи тој.
Во однос на забраната за политичко рекламирање Мециновиќ истакна дека ваквите мерки се сериозен удар врз демократијата и се само еден чекор кој наговестува авторитарен режим.
– Ние можеби сме навикнати на распаднат концепт на демократија, но европските партнери се вчудоневидени од ваквиот однос на власта – посочи тој.
Кандидатот на Левица додаде дека, според него, ваквиот потег ќе биде нотиран и во извештаите на ОБСЕ и на Европската комисија.
– Нашите пријатели од Европскиот парламент и од Австрија беа вчудоневидени од методите што ги користи овој режим. Вакви методи на континентот не се познати од 1970-те години. Вакви методи на репресија! И ова е само увод во тоа што понатаму може да се случи – порача Мециновиќ.