Мажите „главни ѕвезди“ во рекламите за Парламентарните избори, треба уште за родова рамноправност

Жените кандидатки не добиле подеднаква застапеност во банерите на политичкото рекламирање за претходните парламентарни избори објавени на порталите, покажа анализата за застапеноста на жените и социјално ранливите категории во онлајн-медиумите за време на изборната кампања. Жените ги имало само во 21 проценти од банерите што партиите ги користеле на порталите за политичкото рекламирање.

-Со мониторингот се покажа дека во платеното политичко рекламирање доминираат мажите и лидерите на партиите. Дури и кандидатките не ја искористија кампањата за да ги наметнат темите за родовата рамноправност. Во наративите имаше зацврстување на родовите стереотипи кои ги ставаат жените во партријархалната перцепција за љубовта кон нацијата што се изедначува со љубовта на мајката. Во некои содржини на Државната изборна комисија видовме зацврстување на родовите стереотипи каде мажите беа претставени како активни чинители а жените беа претставени во фризерница. Тие стереотипи се провлекуваат зашто се многу зацврстени, рече Билјана Бејкова.

Таа објасни дека партиите треба да имаат одговорност за кандидатките на кандидатските листи но и тие да имаат еднаков пристап во платеното политичко рекламирање.

-Една работа е дека ја имаме родовата квота каде 40 проценти заземаат жените, но сосема друго е што за постигнување на вистинска родова еднаквост треба да се најдат жените и во платеното политичко рекламирање преку саморегулација, смета Бејкова промовирајќи ја тезата дека треба да има јасни и применливи обврски за застапеност на жените во политичкото рекламирање. 

Во процесот на саморегулација на медиумите, се препорачува во кодексите да се интегрира родовата димензија, а во измените на Законот за медиуми што се во тек – да се обезбеди поголема заштита на интересите на ранливите групи, малцинствата, жените и девојчињата.

Марина Тунева, експерт за медиуми

Експертката Марина Тунева вели дека мониторингот се фокусирал и на застапеноста на социјално ранливите категории во содржините од порталите за време на изборната кампања за претседателските избори. Анализирани биле 68 написи во 21 портал за ранливите групи, лицата со попреченост и етничките заедници.

-Поголема застапеност им се дава на лица со поглема моќ, а овие лица не се претставени како активни граѓани на општеството. На маргинализираните им се дава простор ако поддржуваат изборна платформа или субјект, вели Тунева.

Една од препораките што ја спомена таа е да се измени Изборниот законик и да има забрана за дискриминација во кампањите, како и да се обезбеди управување со фонд за известување за ранливите групи.

Мониторингот го спроведе Фондацијата Метаморфозис во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во рамките на проектот „Пари, медиуми и избори во Северна Македонија“. Тој опфаќа 30 портали, 2 агрегатори, 13.645 статии и 2.683 платени банери од 11 политички партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот