
Матурантка од Охрид не полагала матура бидејќи ја немало на списокот, од гимназијата соопштија дека ќе го решат проблемот
Матурантката Тијана Силјаноска од средното училиште „Свети Климент Охридски“ од Охрид денеска не полагаше државна матура бидејќи ја немало на списокот. Нејзиниот татко во изјава за медиумите рече дека таа сега нема да може да се запише на факултетот во Словенија.
Препорачано
Тој додаде дека девојчето било вратено дома и е на седативи. Родителот на Силјаноска ги повика надлежните институции да сносат одговорност, бидејќи се работи за административна грешка од февруари, но никој не алармирал.
-Кога се потпишувале ќерка ми била отсутна, но никој не и кажал дека не била потпишана на списокот на кандидати, изјави тој.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири најави расчистување на случајот.
Од охридската гимназија изразија жалење за ваквиот несакан проблем и посочија дека ќе помогнат и ќе излезат во пресрет на матурантката и родителите.
-Сакаме да потенцираме дека списоците за верификација на податоците за државна матура беа доставени на увид кај учениците уште на почетокот на второто полугодие, а потоа доставени до ДИЦ. И покрај напорите на училиштето да се реши ситуацијата, сепак не се наиде на разбирање од страна на надлежните институции, велат тие.
Посочија дека на ученичката ќе и биде дозволено да ги полага двата интерни испита во училиштето во јунската испитна сесија, а тоа што останува во августовската испитна сесија.