Матеј Петров

Матеј Петров од Скопје е годинашниот победник на националниот слем-натпревар во Прилеп

На традиционалниот национален слем-натпревар, што веќе 14 години се одржува во Прилеп, оваа година победи Матеј Петров од Скопје. Победникот го избра петчлено жири избрано од публиката на почетокот на самиот настан, а дел од жирито беше и неколкукратната национална победничка и претставничка на Европското слем-првенство, Марија Грубор од Велес.

Матеј Петров досега објавил две книги: „Quarantena, the isolation poems“ (2021) и „Кој мисли, кога ѕвонат внатре мислите“ (2024), во соработка со својот најдобар другар Александар Алексов Балабанов.

Матеј победи во вториот од двата круга, а во вториот круг се натпреваруваше со второпласираниот Виктор Спасески од Прилеп, кому ова му е втор второпласиран пласман во финале. Третото место, со ист број поени, го делеа четири слемерки: Вероника Димоска од Струга, Виолета Колевска Атанасоска од Битола, Даница И. Лепојевиќ од Велес и Марина Икономова Шокева од Охрид.

Оваа година, на слемот настапија дваесетина слемер(к)и од цела Македонија: Биљана Јандреска Андоноска (Прилеп), Бобан Богатиновски (Куманово), Вероника Димоска (Струга), Викторија Стојовска (Кичево), Виолета Колевска Атанасоска (Битола), Даница И. Лепојевиќ (Велес), Дијана Петкова (Скопје), Елизабета Павловска (Куманово), Јасмина Волческа (Прилеп), Јулијана Маринковиќ (Ресен), Марија Марковска Стојчева (Скопје), Марина Икономова Шокева (Охрид), Миланчо Пендев (Кавадарци), Сара Миланоска (Прилеп), Снежана Паноска (Прилеп) и Тања Кузманоска (Штип).

Гостинка на манифестацијата беше поетесата на „Версополис“, Шенон Саливан, од САД, која живее и твори во Германија, и која имаше свој целовечерен слем-настап.

Учесници на националниот слем-натпревар во Прилеп

Покрај главната вечер на националниот слем, во рамките на манифестацијата се случија и пропратни настани: отворен микрофон, поетско читање на Трескавец, посета на литургија, изложба на авторот и уметник Владимир Лукаш, слем-караван на повеќе локации во центарот на Прилеп и промоции на книгите „Јазик за двајца“ („Прозарт медиа“, 2024) од Бранислав Николов (Пијан Славеј), „Модра мрежа“ („ПНВ Публикации“, 2024) од Марина Шокева, „Додека спиеш“ („Чудна шума“, 2024) од Биљана Стојановска и „Сега ти стануваш јас“ („Чудна шума“, 2024) од Долорес Атанасова – Лори.

Последниот фестивалски ден (13 октомври) учесниците имаа можност да присуствуваат на литургија во црквата „Света Петка“ во населбата Точила, а се одржа и поетско читање на манастирот Трескавец.

Традиционално за манифестацијата се испечати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава негов издавач е Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

„Поетри слем Македонија“ досега има испратено девет национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.

Годинава на Европскиот поетски слем, кој ќе се одржи во Кошице, Словачка, ќе нѐ претставува минатогодишниот победник Миланчо Пендев од Кавадарци. Националниот слем-натпревар е во организација на Театарска работилница – Прилеп, Игор Трпчески и Елена Пренџова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот