
Мартин Скорсезе најави филм што ќе го прикаже „последното интервју“ на папата Франциск
Мартин Скорсезе сними документарен филм со покојниот папа Франциск, кој вклучува разговори меѓу понтифот и режисерот, меѓу кои и, според авторите, последното опширно интервју на папата снимено пред камера, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Филмот, насловен „Села: нова приказна“ (Aldeas – A New Story), ќе ја прикаже работата на „Школас окурентес“ – непрофитна, меѓународна организација основана од папата во 2013 година, со цел да ја промовира т.н. „култура на средба“ меѓу младите.
Дел од активностите на оваа организација вклучуваат и создавање филмови, во рамки на иницијативата „Села“. Документарецот ќе прикаже млади луѓе од Индонезија, Гамбија и Италија како учествуваат во програмата и создаваат кратки филмови.
На една новообјавена фотографија, папата Франциск е прикажан на снимање на „Села: нова приказна“.
Продукциските куќи „Алдеас школас филм“ и „Сикелија“ на Скорсезе, кои го најавија филмот во среда, истакнаа дека документарецот ќе биде „сведоштво за трајната верба дека креативноста не е само средство за изразување, туку пат кон надеж и преобразба“.
Пред својата смрт, папата Франциск ја нарече иницијативата „Села“ „исклучително поетичен и конструктивен проект, бидејќи се допира до корените на човечкиот живот, социјалноста, конфликтите… суштината на животното патување“.

Датумот на премиера сѐ уште не е објавен.
„Сега, повеќе од кога било, мора да зборуваме меѓусебно и да се слушаме преку културите. Еден од најдобрите начини за тоа е споделувањето лични приказни и искуства“, изјави Скорсезе.
„Тоа ни помага да разбереме и да го цениме светот преку очите на другиот. На папата Франциско му беше важно луѓето да разменуваат идеи со почит, но притоа да го зачуваат својот културен идентитет – а филмот е најмоќниот медиум за тоа“.
Скорсезе низ годините се среќавал со папата Франциск неколкупати, а нивните разговори често влијаеле врз неговата работа – вклучително и врз филмовите „Последното искушение на Христос“ (The Last Temptation of Christ) и „Молчание“ (Silence).
По смртта на папата на 21 април, Скорсезе изјави: „Тој беше извонреден човек во секој поглед. Ја признаваше својата човечка слабост. Зрачеше со мудрост. Зрачеше со добрина. Имаше цврста посветеност кон доброто. Длабоко во себе знаеше дека незнаењето е страшна чума за човештвото. Затоа никогаш не престана да учи. Никогаш не престана да просветлува. Ја проповедаше и ја практикуваше прошката – универзална и постојана. Мене лично многу ми недостасува – имав среќа што го запознав и ќе ми недостига неговата топлина и присутност. Загубата за светот е огромна. Но, тој остави светлина зад себе, и таа никогаш нема да згасне“.
Конклавата за избор на нов папа е закажана за 7 мај.