Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Март е зад аголот, за работниците само скромни 24.400 денари, ССМ разочаран од тактизирањето за минималецот

Според законските параметри донесени пред три години, македонските трудбеници во својот паричник ќе имаат екстра 1.800 денари, веќе одамна „изедени“ од инфлацијата. Тоа значи дека со овие пари ќе треба да се протурка уште една година за ново зголемување на минималната плата. Синдикалците се разочарани од односот на сите чинители во ЕСС

Март е зад аголот, а работниците нема да добијат ни денар повеќе од законскиот минималец од 24.400 денари. Седницата на Економско-социјалниот совет не е закажана и засега не се знае кога ќе се одржи, дознава „Слободен печат“, така што според законските параметри донесени пред три години, македонските трудбеници во својот паричник ќе имаат екстра 1.800 денари, веќе одамна „изедени“ од инфлацијата.

Тоа значи дека со овие пари ќе треба да се протурка уште една година за ново зголемување на минималната плата. Синдикалците се разочарани од односот на сите чинители во ЕСС, бидејќи не покажаа ни грам солидарност да ја зголемат минималната сума повеќе од законската пресметка. Едно од најважните барања на ССМ, беше дека во првите 100 дена од новата Влада, не треба само да се разговара, туку и да се дојде до решение минималната плата да достигне 450 евра.

Во меѓувреме и дел од работодавачите посочија дека би дале минималец од 500 евра, ама ако Владата го задржи актуелното ниво на придонеси или, пак, им ги субвенционира. Уште на првите обраќања откако стапи на функцијата премиер, Христијан Мицкоски им порача на синдикатите „сами да видат дали во буџетот има пари за зголемување на минимална плата од 450 евра во првите 100 дена влада“, како што бараа тие. Минималната плата не се споменува ниту во владината програма, а нема ниту најава дали со ребалансот би се обезбедиле пари за таа цел.

– ССМ е разочаран и револтиран од односот на Владата, која не покажа доблест да го помогне зголемувањето над законскиот минимум. Работниците чекаа барем 450 евра, а ќе добијат само 400 евра, сума што веќе одамна не е доволна ниту за леб и маргарин, а камоли да ја покрие синдикалната минимална кошничка – вели за „Слободен печат“, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Работодавачите не отстапија ни милиметар од ставот дека секое покачување на минимална плата надвор од законот, ќе предизвика еден вид урамноловка помеѓу неколку категории работници и дестимулација на добрите работници.

– Да потсетам дека во Европа четири години се водеа дискусии дали и како да се овозможи иста минимална плата на територијата на ЕУ. Но, дискусијата се сведе на фактот дека тоа е невозможно затоа што различни земји имаат различно ниво на развој. Оттука беше донесена Директива со која минималецот во земјите од ЕУ не смее да биде помал од 50 отсто од просечната плата, а кај нас со ланското мартовско зголемување на минималната плата, веќе сме на ниво од 56 отсто од просечната плата – објасни Ангел Димитров од Организацијата на работодавачите.

Минималната плата во Македонија во моментов изнесува 22.500 денари. Оваа сума ја става земјава на дното по висината на минималецот во споредба со државите од регионот. Законот за минимална плата предвидува „исплатената висина на минимална плата во бруто-износ за март секоја година да се усогласува со: 50 отсто од порастот на просечно исплатената нето-плата во Македонија, за претходната година, според статистичките податоци и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот, за претходната година.

Испари ветувањето за субвенции од претходната влада

Сега веќе никој не ја споменува мерката за субвенционирање на платите дадена од претходната влада на Димитар Ковачевски, која заглави во прво читање во Собранието. Таа нудеше можност за зголемување на платите во угостителството, градежниот сектор и текстилната индустрија, а за зголемениот износ на платата, работодавачите требаше да плаќаат само данок на личен доход и ќе беа ослободени од плаќање придонеси.

Оваа мерка требаше да ја користат вработени што примиле плата во висина до 1,5 просечни плати во последните три месеци. Периодот за кој ќе важеше, требаше да биде до 12 месеци, најавија од Владата на Ковачевски на промоцијата на деветтиот пакет антикризни мерки вреден 662 милиони евра. Со мерката околу 15 илјади работници можеа да сметаат на зголемување на платите од 3 до 9.000 денари во приватниот сектор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот