Маркети / Фото: Слободен печат /Слободан Ѓуриќ

Маркетите за „штелување“ на цените ќе платат казни од десетици милиони евра?

По откритието на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) дека четири ланци маркети картелски се здружиле за да влијаат на цените во продавниците, Комисијата на 20 и на 21 овој месец изготви два заклучока за прекршочни постапки. Според документите до кои дојде порталот „Само прашај“, се работи за два заклучока.

Првиот документ е со Заклучок за поведување на прекршочна постапка од 20.02.2025 година и е против Сојузот на стопански комори (ССК) и трговските компании „Веро“, „Тинекс“, „КАМ“ и „Рептил“ и нивните застапници, додека вториот Заклучок од 21.02.2025 година е само против Сојузот на стопански комори.

За четирите ланци маркети и ССК има сомнежи дека „на 05.02.2025 година во Сојуз на стопански комори на Македонија одржале состанок на кој склучиле договор и/или усогласено се однесувале, со што ја замениле состојбата на непречена конкуренција на пазарот со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата преку утврдување на заедничко однесување кон добавувачите што претставува постоење на евентуален прекршок од член 59 став (1) точка 1), а во врска со член 7 став (1) точка 1) од Законот за заштита на конкуренцијата“.

Ако се утврди дека е направен прекршокот, четирите трговски фирми и ССК ќе бидат казнети според член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата или со 10% од вредноста на вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година, изразена во апсолутен и номинален износ. Станува збор за огромни суми, бидејќи трговските фирми имаат огромни приходи (промети). За минатата година се уште нема податоци, но ако се земат бројките од 2023 година, „Веро“ ќе треба да плати 10,26 милиони евра, „КАМ“ – 26,88 милиони, а „Тинекс“ – 9,83 милиони евра.

Четирите ланци на маркети и Сојузот на стопански комори биле „фатени“ за картелско здружување, откако на 6 февруари ССК испрати соопштение до медиумите, кое тие го пренесоа, а во кое пишуваше:

„По одржаниот состанок и меѓусебна координација по електронски пат помеѓу учесницитена состанокот, од ССК било испратено соопштение за јавност кое било објавено од медиумите на 06.02.2025 година. Во соопштението меѓу другото стои: Сојузот на стопански комори на Македонија направил ананлиза на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира… На состанокот, исто така, беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локални клучни партнери да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година“.

Ова, според КЗК, е склучување на забранет договор и/или усогласено однесување помеѓу конкуренти. Дополнително за Комисијата во соопштението за јавност дадено од ССКМ спорно било и следново:

„На состанокот исто така беше договорено меѓу сите малопродажни ланци и локални клучни партнери да не се примаат нови ценовници, минимум до крајот на првиот квартал оваа година, со што ССК влијаел да ce стекне перцепција и кај другите претпријатијата кои вршат продажба на стоки на мало во неспецијализирани продавници, како и кај добавувачите дека ваквиот договор е постигнат помеѓу сите учесници на овој пазар и со тоа да влијае на однесувањето и на субјектите кои не биле присутни на состанокот“.

Поради сето ова, КЗК смета дека ССК претставува учесник во евентуално забранетиот договор (картел) и/или усогласено однесување како координатор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот