Марија Ангеловска е добитничка на наградата „Новите“ за 2021

Традиционално, во последните денови од тековната година, издавачката куќа „Темплум“ ги доделува наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ и наградите за најдобрите стрипови од конкурсот „Лифт“.

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Петар Андоновски, Андреа Делипапаз и Фросина Крушкаровска, одлучи наградата за 2021 година да ја додели на збирката раскази „Глава што лебди“ од Марија Ангеловска.

Од вкупно 19 ракописи кои влегоа во конкуренција, во потесниот круг за наградата влегоа ракописите на пет автор(к)и: Ана Алексовска со „Урбана сликовница на она што никој не го забележува“, Марија Ангеловска со „Глава што лебди“, Димитар Арнаудов со „Генерална теорија на лудилото“, Ива Дамјановски со „Четвртиот ѕид (експериментална наива во 7 димензии)“ и Јордан Николов со „Балоните над Конзулвил“.

– Она што на прв поглед е допадливо во првата збирка раскази на Марија Ангеловска, составена од 15 раскази, е нивната младешка воодушевеност и енергизираност од светот. Таа ѕирнува зад аглите на секојдневието и го очудува на еден детски игрив начин. И во повремените истражувања на загадочните аспекти, на болката и стравот, нејзините раскази задржуваат тон на надеж и затскриена радост.

Ангеловска претпазливо но смело ѕирка отаде видливото, кое постои само како една од можните димензии. Токму таквото измолкнување на наративот од читателските очекувања е она што можеби највпечатливо го диференцира овој ракопис. Штом читателот ќе се раскомоти во удобноста на познатата приказна, таа ненадејно се преслекува во нешто друго. Ваквите игри Ангеловска ги прави меко и досетливо, обрнувајќи значајно внимание на психолошката градба на ликовите и на стилистичките финеси на текстот. Тоа често го прави со внесување на чудесното и фантастичното сред навидум реалистичниот текст – меѓу другото, стои во образложението на жирито.

Ексклузивен покровител на наградата „Новите!“ е Комерцијална банка АД Скопје.

Четирите наградени автори за стрип на конкурсот „Лифт #4“ се Гоце Илиевски со „Solar System Recipe“, Гаја Смилевска со „Dear Father“, Јована Велинова Трајанова со „Осамената зима“ и Владимир Илиевски со „Прошетка“.

„Според воедначеноста на квалитетот ова е најдобриот конкурс досега. Поголемиот дел од седумнаесетте стрипови лесно можеа да ги добијат наградите, нијанси ги раздвојуваа во оценките“, истакнува тричленото жири во состав: Никола Гелевски, Јана Јакимовска и Владимир Трајановски.

Објавувањето на наградите се одржа во КСП „Центар-Јадро“ на 28 декември, како дел од програмските активности во рамките на Мал новогодишен саем на книга на „Темплум“, што од 27 до 30 декември се одржа во книжарницата „Гладно срце“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот