
МАНУ ќе прима нови членови, еве кои се кандидатите
Изет Зеќири, економист и доскорешен ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ и Блажо Боев, геолог и поранешен ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, се предлозите за нови редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Зеќири и Боев се двајца од вкупно предложените 22-ца кандидати во категориите редовни и дописни членови, членови надвор од работниот состав и почесни членови, за чиј прием ќе се изјаснува изборното Собрание на МАНУ.
Значителен број кандидати, 14, се предложени за дописни членови на МАНУ. Најмногу предлози за дописни членови, дури седум, се добиени од Одделението за уметност на МАНУ. Меѓу нив се музичарот Драган Даутовски, сликарите Невзат Бејтули-Кица, Новица Трајковски скулпторите Жарко Башески и Александар Сашо Саздовски, како и писателите Ивица Џепароски и Блаже Минески. Од Одделението за лингвистика и литературна наука е предложен Илија Велев, еден од најпознатите македонски медијависти, научен работник и книжевен творец, редовен професор и научен советник во ЈНУ Институт за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и автор на бројни научни трудови. Одделението за општествени науки ја предложи универзитетската професорка од Правен факултет на УКИМ, Гордана Лажетиќ, додека Одделението за технички науки за дописни членови ги предложи Димитар Трајанов, универзитетски професор на ФИНКИ и Мирко Тодоровски, универзитетски професор од ФЕИТ. Тројца кандидати се предложени за дописни членови од страна на Одделението за природно-математички и биотехнички науки: Златко Левков, биолог и универзитетски професор на Факултетот за природни науки, Александар Узунов, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, како и Башким Зибери, универзитетски професор на Државниот универзитет во Тетово.
За членови на Академијата надвор од работниот состав се предложени Сибила Петлевска, хрватска писателка со македонско потекло, Гордан Караман, редовен член на Црногорската академија на науките и уметностите, како и Светлана Мојсов, вонреден истражувачки професор на Универзитетот „Рокфелер“ во САД и Стојко Стојков, универзитетски професор на Факултетот за образовни науки на УГД во Штип и активист во движењето на Македонците во Бугарија како сопретседател на ОМО „Пирин“ (2004 – 2006) и на ОМО „Илинден“– Пирин (2006-:-2025 г.) како сопретседател и портпарол. Во периодот 2011 – 2025 г., има изготвено 15 извештаи за положбата на македонското малцинство во Бугарија.
За почесни членови на МАНУ се предложени универзитетските професори во пензија, Владо Поповски и Трајче Стафилов. Поповски беше и министер во македонските влади, како и еден од тројцата автори на работниот текст на Уставот на Р Македонија, донесен на 17 ноември 1991 година. Тој бил и прв директор на Агенцијата за разузнавање на Македонија. Трајче Стафилов, пак, е познат македонски хемичар зад кого стојат бројни научни трудови и проекти.
Огласот за прием на нови академици беше објавен пред неколку месеци, по што следуваше предлагањето кандидати од страна на соодветните предлагачи.