Состанок на „Коалицијата на волните“ Фото: Принтскрин

Макрон рече дека 26 земји се спремни да испратат војници во Украина, Зеленски подготвен за средба со Путин

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека поканата на рускиот претседател Владимир Путин во Москва е начин состанокот да се спречи. Тој додаде и дека американскиот претседател Доналд Трамп изразил големо незадоволство од Унгарија и од Словачка бидејќи сè уште купуваат руски фосилни горива.

Дваесет и шест земји се спремни да испратат војници во Украина или да обезбедат помош на копно, море или во воздух како дел од идните безбедносни гаранции, изјави во четвртокот францускиот претседател Емануел Макрон по состанокот на „Коалицијата на волните“, објави Јурактив.

Францускиот претседател повтори дека меѓународните трупи нема да бидат распоредени во контактните области, туку „во географски области што во моментов се дефинираат“.

– Оваа оперативна работа сега треба да се формализира на политичко и на правно ниво за да можат безбедносните гаранции бргу да се спроведат кога ќе се постигне примирје или мировен договор – рече Макрон.

Парламентите на неколку земји ќе треба да ги одобрат придонесите што сакаат да ги дадат.

Не беа дадени детали за тоа што секоја земја ќе придонесе, иако Макрон потврди дека Италија и Германија се меѓу тие 26 земји. Полска јавно отфрли испраќање копнени трупи во Украина.

Во меѓувреме, британскиот премиер Кеир Стармер, кој е еден од претседавачите на групата заедно со Макрон, изјави дека ги поздравува најавите на некои партнери „да ѝ достават на Украина ракети со долг дострел за дополнително да се засилат залихите на земјата“.

„Ова е победа, сметаме на американска поддршка“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го опиша бројот на земји што се подготвени да учествуваат во пост-воената сила за уверување како „победа“.

– Сметаме на американска поддршка. Точниот американски придонес ќе биде прецизиран во наредните денови – рече Зеленски.

Двајцата лидери зборуваа од Елисејската палата во Париз, по состанокот на „Коалицијата на волните“ во четвртокот наутро, на кој беа претставени 35 земји.

Санкциите, вклучително и секундарните санкции, против Русија и против земјите кои ја поддржуваат нејзината воена машина во Украина, исто така, биле тема на разговор со Трамп.

Макрон нагласи дека било договорено дека, ако Русија продолжи да одбива да се вклучи во суштински мировни преговори, ќе бидат воведени координирани казнени мерки.

Зеленски спремен за средба со Путин

Зеленски истакна дека останува подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, било билатерално, било со учество на Трамп.

– Мислам дека Русија прави апсолутно сè за да го одложи овој состанок. Американските партнери ни рекоа дека Путин ме поканил во Москва. Мислам, знаете, ако сакате состанокот да не се случи, тогаш да, поканете ме во Москва – им рече Зеленски на новинарите.

Зеленски рече и дека Трамп бил „многу незадоволен“ од Унгарија и од Словачка зашто продолжуваат да купуваат руски фосилни горива.

Двете земји-членки на ЕУ се пожалиле до Европската комисија за украинските напади врз нафтoводот „Дружба“ на руска територија, кои привремено го прекинале снабдувањето со нафта, барајќи акција. Тие тврдат дека нападите ја загрозуваат нивната енергетска безбедност.

ЕУ го забрани увозот на руска нафта од декември 2022 година, но Будимпешта и Братислава се значителен исклучок и продолжуваат во голема мера да се потпираат на Москва за енергија, и покрај тоа што блокот вети дека целосно ќе се откаже од руските фосилни горива.

– Многу сум среќен што денес САД многу отворено зборуваат за ова прашање, именувајќи ги овие земји со нивните имиња, велејќи дека овие две земји ѝ помагаат на руската воена машина и дека сите ние мора да направиме нешто за да го сопреме тоа – додаде Зеленски.

Зеленски: Територијалните отстапки би биле појдовна точка на Путин за понатамошни офанзиви

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!