
Макрон назначи нов премиер: Себастиен Лекорњу ја презема задачата за стабилност
Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи Себастиен Лекорњу, досегашен министер за вооружени сили и негов близок сојузник, за нов премиер на земјата. Тој ќе го наследи Франсоа Бајру, чија влада падна по изгласувањето недоверба во Националното собрание. Од Лекорњу се очекува да обезбеди политичка стабилност и да постигне договори околу усвојувањето на државниот буџет, што ќе биде првиот голем тест за неговото владеење.
Препорачано
Според Елисејската палата, новиот премиер ќе дејствува „во служба на народот и за единство на земјата“. Сепак, пред него стои сложена задача – да преговара со повеќе парламентарни партии и да го состави својот кабинет врз основа на консултации. Името на Лекорњу одамна се спомнуваше како можен наследник, но во игра до последен момент беше и претседателката на Националното собрание, Јаел Браун-Пиве.
Опозициските лидери жестоко реагираа на назначувањето. Левичарскиот лидер Жан-Лук Меланшон го нарече потегот „тажна комедија“ и порача дека само заминувањето на Макрон може да ја прекине „фарсата на презир“. Лидерот на националистите, Марин Ле Пен, оцени дека Макрон „го испукал последниот куршум на макронизмот“ и најави дека нови парламентарни избори ќе донесат премиер од нејзината партија. Зелената лидерка, Марин Тонделие, пак, го обвини претседателот дека игнорирал изборната волја и повика на протести, со предупредување: „Одговорот ќе стигне на улица.“