
Макрон и сопругата тужат американска коментаторка затоа што тврди дека Брижит е маж
Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит поднесоа тужба за клевета во Соединетите Држави во среда против десничарската политичка коментаторка и водителка на подкаст, Кандис Овенс, поради тврдења дека Брижит би можела да биде маж, пренесува Си-Ен-Ен.
Препорачано
Во тужбата, поднесена во Вишиот суд во Делавер, се тврди дека Овенс водела „едногодишна кампања со клевети против семејството Макрон“, наведува во изјавата нивниот адвокат, Том Клер во изјава за американскиот медиум.
Во март оваа година, конзервативната коментаторка Овенс ја оживеала апсурдната теорија на заговор со видео на Јутуб насловено како „Дали првата дама на Франција е маж?“, пишува во тужбата.
Широко промовирана на платформата Х, Овенс во тоа време изјавила дека теоријата на заговор е „веројатно најголемиот скандал во политичката историја“.
Оттогаш, Овенс продуцирала бројни видеа за Брижит Макрон за нејзините речиси 4,5 милиони претплатници на Јутуб.
Семејството Макрон тврди во својата тужба дека Овенс била првата личност што ги изнесела овие неосновани тврдења пред американските медиуми и меѓународната јавност.
Двојката бара отштета, тврдејќи дека претрпеле „значителна економска штета“, вклучително и губење на идните деловни можности.
Во среда, Овенс објави снимка од статија за тужбата на Макрон на Инстаграм и фотографија од претседателскиот пар со натпис: „Денес доаѓам да ја земам оваа перика. Останете со нас.“
Барањата за повлекување испратени до Овенс беа придружени со „непобитни докази што ги побиваат нејзините тврдења и потврдуваат, меѓу другото, дека г-ѓа Макрон е родена како жена по име Брижит Троње, дека не е крвно поврзана со претседателот Макрон“ и дека Макрон не се контролирани или уценувани од непознати сили преку програми поврзани со ЦИА.
„Овенс го искористи ова лажно тврдење за да ја промовира својата независна платформа, да стекне репутација за озлогласеност и да заработи пари“, се наведува во тужбата.
Исто така, се вели дека тврдењата предизвикале „огромна штета“ на семејството Макрон.
„Секој пат кога семејството Макрон го напушта својот дом, тоа го прави знаејќи дека безброј луѓе ги слушнале, а многумина поверувале, во овие гнасни измислици. Тоа е инвазивно, дехуманизирачко и длабоко неправедно“, се вели во тужбата.
Независно од овој случај, Брижит Макрон тужеше две Французинки во 2022 година за ширење слични тврдења. Откако победи на првостепениот суд, оваа година жалбата на обвинетите беше прифатена, па случајот оди на повисокиот суд.