
Македонскиот керамичар Филип Фидановски својата изложба „Пикасо, можеби јас“ ја претставува во Хрватска
После успешните претставувања на „Пикасо, можеби јас“ во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и Куманово, изложбата на Филип Фидановски, овојпат дополнета со нови дела изработени во 2024 година, е претставена пред хрватската јавност, која има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо.
Препорачано
Изложбата е поставена во галеријата „Керамеикон К10“ на Друштвото на керамичари на Хрватска во Вараждин, се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, а ја отвори Н.Е. проф. д-р Милаим Фетаи, амбасадор на Република Северна Македонија во Република Хрватска. Културната јавност во Вараждин изложбата може да ја посети од 18 мај до 5 јуни 2024 година.
Филип Фидановски (Скопје, 1977) во 1996 година завршува средно уметничко училиште во Скопје во класата на професорите Раде Перчуклиевски и Михо Лазаров. Го продолжува своето образование на Националната уметничка академија во Софија, Република Бугарија, каде во 2004 година магистрира на катедрата за керамика во класата на професор Красимир Џидров.
Од 1995 година до денес има реализирано 23 самостојни изложби, над 50 групни и жирани изложби, има учествувано на многу уметнички колонии и симпозиуми. Добитник е на пет награди. Член е на повеќе професионални здруженија.
Тој е автор на прирачник за изведување настава по ликовно образование, како и на практични вежби и материјали за ученици по ликовно образование за 3-то и 5-то одделение во основното образование. Уредник е на повеќе монографски изданија, списанија и каталози. Живее и работи во Скопје.