
Македонски уметници учествуваат на интернационален симпозиум во Алжир
Во периодот од 26 април до 10 мај годинава скулпторот Сашо Саздовски и визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска учествуваат на интернационален симпозиум во Алжир, во организација на тамошното Министерство за култура.
Препорачано
Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска инспирирана од алжирската култура и архитектура нејзиниот престој ќе го искористи за правење на урбани (live / street) фотографии кои ќе ги претстави и пред македонската публика по враќањето од Алжир.
Скулпторот Сашо Саздовски ќе изработи мермерна скулптура со наслов „Последниот бастион“, која ќе спојува различни елементи од алжирската историја. Минималистичка по својата содржина, таа ќе ги претставува телата на војниците кои се слични на алжирските тврдини и минариња во долината М’заб, која е под заштита на УНЕСКО. На телата им недостасуваат нивните глави, повикувајќи на нивното враќање, кои биле насилно одземени од некогашниот Француски колонизатор.
Францускиот музеј на човекот (Musee De l’Homme) во Париз, сè уште чува околу 18.000 черепи од алжирскиот народ од колонијалните војни од 19-тиот век, што учествувале во борбата за независност. Алжирците бараат од Музејот нивна експропријација – враќање за да може да им се оддаде почит и соодветно да бидат погребани.
Свеченото поставување на скулптурите во јавен простор во центарот на градот Алжир ќе се одржи на 8 мај, а изложбата ќе ја отвори Министерот за култура на Алжир, Зухиар Балалу. Скулптурата „Последниот бастион“ Сашо Саздовски ја посветува на својот татко Александар Саздовски – Пацифист (1950 – 2023).