Пет македонски фотографи - Роберт Атанасовски, Огнен Ацевски, Маја Аргакијева, Зденко Петровски и Стефан Рајхл

Македонски музички фотодокументи ќе бидат претставени со изложбата „5х10“ во Утрехт

Во градот Утрехт, Холандија, на 21 септември ќе биде отворена изложбата „5х10“, која ќе ги обедини делата на пет реномирани македонски фотографи: Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл.

Оваа групна изложба, составена од по 10 фотографии од секој фотограф, ќе прикаже повеќе од две децении фотографско творештво, фокусирано врз доловувањето моменти од музички фестивали и концерти во Македонија.

Фотографиите претставуваат уникатен приказ на културната и музичката сцена во земјата, каде што емоциите, енергијата и атмосферата на настапите се доловени преку објективите на овие фотографи. Со цел да се прикаже нивната посветеност и уметнички стилови, изложбата ќе ѝ овозможи на публиката увид во разновидните моменти кои ја одбележале македонската музичка сцена.

Овој настан не само што ја промовира македонската фотографија, туку нуди и можност за интеркултурна размена, покажувајќи ја поврзаноста помеѓу музиката и визуелната уметност пред интернационална публика. Претходно, изложбата беше поставена во рамките на „Скопје синема сити“, фестивалот за музички документарни филмови, и имаше одличен прием кај публиката во Скопје.

Изложбата е организирана од здружението „Номад-Арт“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Македонската православна црковна општина „Свети Стефан“ во Утрехт.

Настанот има за цел да го промовира македонското културно наследство, а истовремено и да им овозможи на уметниците да се претстават пред европската публика, известија од „Номад-Арт“ од Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот