Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Македонски чиновници се во рудник за злато во Бугарија, „разменуваат искуства“ за идни такви рудници во земјава

Македонска стручна делегација предводена од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини престојува во работна посета на рудникот за злато „Ада Тепе“ во општина Крумовград, Бугарија, сопственост на канадската компанија „Dundee Precious Metals“, соопшти министерството.

Оваа посета доаѓа откако граѓански активисти во Македонија со години протестираат против изградба на рудник за злато во Струмичко, наведувајќи дека тоа целосно ќе го уништи земјоделието, но и генерално животната средина во Струмичкото Поле.

„Посетата има за цел размена на искуства и добри практики во управувањето со природни ресурси и примената на европски еколошки стандарди, со цел нивна примена во Северна Македонија. „Ада Тепе“ се смета за еден од најодржливите рудници во регионот, кој користи најсофистицирани технологии за управување со вода и отпад, минимизирајќи го влијанието врз животната средина, дури и во заштитени подрачја од мрежата NATURA 2000“, велат од министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

„Нашата цел е да учиме од докажани примери како компаниите со одговорно работење можат да донесат придобивки и за локалната заедница и за економијата. Македонија е решена идните стратегии во рударството да ги темели врз европски правила и стандарди“, изјави Филип Петровски, државен советник за рударство во Министерството.

Од Министерството тврдат дека со новите закони за рударство и геологија кои се подготвуваат, „ќе се засилат еколошките стандарди, казнената политика, транспарентноста и поддршката за локалните заедници, како и ќе се обезбеди поголема економска корист од минералните суровини.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот