
Македонската кошаркарска федерација доби признание од ФИБА за организација на ЕП за кошаркари „Под 16“ години
Македонската кошаркарска федерација беше успешен организатор на најбројното младинско Европско првенство во 2025 година. По тој повод, федерацијата изразува искрена благодарност до сите институции, организации и поединци кои дадоа огромен придонес во успешната организација на Европското младинско првенство во кошарка 2025 година во Скопје.
Препорачано
На ова големо натпреварување учество земаа вкупно 22 национални селекции, кои одиграа 81 натпревар во текот на турнирот. Овој импресивен обем на учесници и одиграни средби уште еднаш ја потврдува способноста на нашата земја да биде достоен домаќин на најзначајните спортски настани.
Нашиот труд и посветеност беа препознаени и од ФИБА, која упати високи пофалби за организацијата и за начинот на работа на нашата федерација, а воедно беше врачена посебна плакета со признание за самата организација.
Високи признанија добивме и од самите учесници – репрезентации и официјални делегации од странските земји – кои упатија благодарност и пофалби до Кошаркарската федерација на Македонија, истакнувајќи ја нашата гостопримливост, професионалност и создадената спортска атмосфера.

Посебна благодарност до здравствените служби
Посебна благодарност се упатува до здравствените работници – Клиничка болница „Жан Митрев“ – Скопје, тимовите на Итната медицинска помош, лекарските екипи на арените и болничките служби, Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Благодарение на нивната подготвеност, брза реакција и превентивни протоколи, турнирот помина без ниту една посериозна повреда, со навремена и професионална грижа за секој учесник и посетител.
Благодарност до институциите и партнерите
Овој успех не би бил можен без координираната поддршка на државните институции, локалната самоуправа, јавните претпријатија, безбедносните служби, спортските центри и арените, образовните и културните установи, како и на спонзорите и партнерите на федерацијата. Посебна благодарност им се упатува и на медиумите, за нивното професионално, навремено и коректно информирање и следење на сите спортски настани поврзани со првенството.

Волонтери и спортска фамилија
Искрена благодарност и до волонтерите, судиите, делегатите, службените лица, клубовите и целата кошаркарска заедница, кои со својата енергија и посветеност обезбедија беспрекорно функционирање на сите сегменти од натпреварувањето. Со вакви заеднички напори, Македонија уште еднаш покажа дека спортот е место на заедништво, гордост и успех. Федерацијата продолжува да работи за унапредување на спортската инфраструктура, развој на младите таленти и негување на фер-плеј вредностите.