
Македонската економија ќе порасне за 3% годинава, предвидува ЕБОР
Македонската економија годинава и во 2026 година ќе расте со стапка од 3%, прогнозира Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во својот есенски извештај. Од ЕБОР наведуваат дека земјава забележа подобри резултати од очекуваните во првиот квартал од 2025 година, со силни перформанси во градежништвото и зголемени инвестиции.
Препорачано
– Растот на реалниот БДП достигна 3% на годишно ниво во првиот квартал од 2025 година и дополнително на 3,4% во вториот квартал, првенствено поттикнат од градежништвото, производството и трговијата. Во овој период, потрошувачката на домаќинствата беше поддржана од зголемувањето на приходите и ублажувањето на инфлацијата, додека изградбата на патишта ги зајакна инвестициите – се наведува во извештајот.
Од банката потенцираат дека извозот се опорави во првата половина од годинава по намалените извозни перформанси во претходната година.
– Сепак, дефицитот на тековната сметка се зголеми за 66% во истиот период, што одразува пониски суфицити и во трговијата со услуги и во секундарниот доход. По отстранувањето на ограничувањата на маржата на профит за одредени основни производи, инфлацијата се искачи на 4,8% до јули 2025 година пред да се намали на 4,4% во август – се наведува во извештајот.
ЕБОР оценува дека дефицитот за 2025 година поставена на 4% од БДП, со цел да се балансира фискалната консолидација со тековните инвестиции во инфраструктурата.
– Дефицитот за периодот јануари-јули 2025 година достигна 2,5% од проектираниот БДП, бидејќи расходите го надминаа растот на приходите. Реалниот раст на БДП е проектиран на 3% во 2025 и 2026 година, поткрепен со силна домашна побарувачка и забрзано извршување на јавни инвестициски проекти, особено изградбата на автопатски делници долж паневропските коридори 8 и 10. Зголемените инвестиции во општините пред локалните избори кон крајот на 2025 година може да обезбедат дополнителен стимул на краток рок. Се очекува потрошувачката на домаќинствата да остане стабилна, поддржана од зголемувањето на реалните плати и повисоките владини трансфери. Ризиците за економските перспективи произлегуваат од ограничениот фискален капацитет и надворешната нестабилност, особено поради структурните прилагодувања во европската автомобилска индустрија и зголемената глобална неизвесност – пишува во извештајот на ЕБОР.
Во однос на економските перспективи на регионот на Западен Балкан во целина, се посочува дека растот забавил, од 3,6% во 2024 година на 2,4% во првата половина од 2025 година. Се очекува годинава да достигне 2,7%, а наредната да биде 3,2%.