Зориа Петкоска К. / Фотографија: Andrew Bibee

Македонката Зориа Петкоска К. е уредничка на најновиот број на публикацијата „Токиски поетски журнал“

Најновиот број на интернационалната книжевна публикација „Токиски поетски журнал“ (Tokyo Poetry Journal) со седиште во Токио, Јапонија, е посветен на визуелна и експериментална поезија со поднаслов „Визуелна /// Визионерска поезија“.

Ова инвентивно, сликовито издание вклучува разни јазици и писма, но и типови на визуелна поезија: калиграми, асемичка калиграфија, визуелна музика, колаж итн., а во него се застапени дури пет поети и уметници од Македонија, што е редок случај во Јапонија.

Македонското влијание во оваа јапонска публикација несомнено доаѓа од Зориа Петкоска К., член на уредничкиот тим и главен уредник на ова визуелно издание (секое издание има различен главен уредник). Таа е поетеса, наградувана преведувачка, поранешен асистент на Филолошкиот факултет во Скопје, МЕXТ стипендистка, која денес работи како писател, уредник и новинар во Јапонија. Авторка е на визуелната поетска збирка на македонски јазик „Зборигами“, во издание на „Матица Македонска“ (2015 г.).

Во визуелното издание на журналот се објавени македонските поети и уметници Елена Пренџова, Викторија Богданова, Ана Јовановска и Симон Калајџиев. Поетесата Пренџова учествува со песна на англиски јазик форматирана како HTML код, што ја прави песната визуелна и инвентивна.

Архитектката и постдокторски истражувач Богданова е поетеса со докторат на тема за поезијата во архитектонското скицирање и цртање. Нејзините „поемоцртања“ со инспирација од Јапонија и јапонската архитектура ја инкорпорираат поезијата во техничко поле како архитектурата.

Визуелната поезија е интер-жанр на границата на поезијата и визуелната уметност, па оттамy ова издание вклучува многу уметници кои ги спојуваат зборовите и уметноста. Јовановска е диппломиран уметник и често користи поезија и зборови во своите графики.

Уметникот Калајџиев е застапен со калиграфски дела со негово измислено писмо, како и глич-арт дигитални графики комбинирани со поезија од поетската книга „Дистокио“ заедно со Зориа Петкоска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 262, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.12.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот