
Македонија со пензионирани пилоти на „ер трактори“, но и со „хермелини“ против пожари – каде е стратегијата?
Во екот на уште една опасна сезона на шумски пожари, додека соседните земји веќе работат со засилени воздушни и теренски капацитети, Македонија влегува речиси неподготвена. Земјата нема обучени пилоти за авионите „ер трактор“ – клучниот воздушен ресурс за борба со огнените стихии.
Препорачано
Националните стратегии и капацитети за справување со пожари стагнираат, па властите прибегнуваат кон импровизации. Армиските оклопни возила „хермелин“ и БТР се пренаменуваат во противпожарни единици, наместо да се инвестира во одржлив, стручен и модерен систем, предупредуваат домашни експерти.

Соочена со климатските закани и растечкиот број пожари, Македонија се обидува да гасне пожари со систем кој повеќе наликува на кризни импровизации отколку на долгорочна стратегија. Прашањето што се наметнува е: колку уште ќе се потпираме на „бодликави решенија“, додека шумите, домовите и човечките животи остануваат незаштитени?
Мицкоски: Земјата е подготвена за пожарната сезона
Спротивно на критиките од експертите, премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија годинава е поподготвена за справување со пожари. Тој нагласува дека е модернизирана застарената армиска и полициска опрема, вклучувајќи армиски и полициски хеликоптери, како и авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.
– За разлика од претходната година, оваа година сме многу, многу поподготвени – изјави Мицкоски, најавувајќи дека се очекува пристигнување на третиот авион на Дирекцијата, кој беше на сервисирање.
Тој нагласи дека е завршена модернизацијата на застарената и складирана опрема, меѓу кои „БТР 70/80“, „хермелини“ и „пинцгауер“. Приоритет, како што појасни премиерот, ќе биде адаптирањето на оваа опрема со специјални резервоари за вода и пумпи со висок притисок, кои ќе овозможат гаснење пожари на тешко пристапни терени и во ноќните часови.
Пензионирани пилоти ќе летаат со „ер тракторите“, нема млад кадар
Во меѓувреме, в.д. директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, потпиша договор со двајца пензионирани пилоти – Стоје Арсовски и Васко Михалчев, кои ќе управуваат со авионите „ер трактор“. Два од трите авиони се веќе сервисирани, а третиот наскоро ќе биде оперативен.

Ангелов посочува дека Дирекцијата активно бара нов кадар, односно пилоти кои ќе бидат мотивирани со повисока плата. Сепак, дефицитот на млади пилоти останува голем проблем.
Задоцнети мерки ја загрозуваат безбедноста
Генералот во пензија и експерт по одбрана и безбедност Горанчо Котески ја оцени пренамената на армиските оклопни возила како принуден и импровизиран потег, кој произлегува од системска неподготвеност.

– Сметам дека ова е одлука донесена под притисок, без претходна стратешка проценка. Не е јасно како ќе се изведува гаснење пожари со возила кои не се наменети за тоа, каде и како ќе се складира вода и како ќе се создаде доволен притисок. Сето тоа личи на импровизација – вели Котески.
Тој предупредува и за доцнењето во подготовката на воздухопловните капацитети: „Додека другите земји инвестираат во модернизација на авијацијата, кај нас во јули уште се зборува за сервисирање на авионите и хеликоптерите. Пилотите кои ги управуваа ‘ер тракторите’ се пензионирани, а нови речиси и да нема. Ако обуката почнеше лани, денес ќе имавме барем десет млади пилоти, а сега имаме едвај двајца“.
Во заклучокот, Котески вели:
„Поради пропустите и недоволните подготовки во минатото, денес сме принудени да импровизираме. Наместо системски да ја градиме одбраната од пожари, со кризни мерки ја загрозуваме безбедноста на граѓаните и државата. Се надевам дека овој потег, иако задоцнет, ќе донесе барем одредени резултати“.
Новиот закон е сè уште во подготовка
Овој месец, Владата најави вработување на 400 пожарникари за справување со летните пожари. Ова е предвидено во Оперативниот план за 2025 година „Визија за промени“ – објавено од владината прес-служба и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Заради превенција и подобро решавање на шумските пожари, овие 400 лица ќе бидат вработени во општините каде што се најпотребни, додадоа од партијата.
За да се реши овој проблем, министерот за одбрана Владо Мисајловски во јули минатата година објави дека новиот Закон за противпожарна заштита ќе биде доставен до Владата што е можно поскоро.
Една година подоцна, новото законско решение е сè уште во фаза на подготовка, што Министерството го потврди во писмен одговор до Радио Слободна Европа, но без објаснување што ќе вклучуваат новите законски измени. Сепак, напоменуваат дека целта е системот да биде ефикасен и функционален.
Примерот на Словенија: Како за 15 месеци изградија професионална воздушна противпожарна служба
Регионалните медиуми нагласуваат дека државите вложуваат значајни ресурси во воздухопловните капацитети за гаснење пожари. Еден од најуспешните примери е Словенија, која за помалку од 15 месеци успеа да воспостави професионална служба за воздушно гаснење пожари.

Според порталот „Танго шест“, словенечката влада во 2023 година го започна проектот „Градење капацитети за гаснење пожари од воздух“, во рамките на кој беа набавени нови амфибиски авиони „ер трактор“ АТ-802, познати како „Огнен шеф“. Проектот е поддржан од европските фондови за кохезиска политика за периодот 2021-2027 година.
Денес, Словенија располага со четири нови „ер трактор“ авиони и десетина обучени пилоти, кои успешно се користат во Италија, Шпанија и Португалија за справување со шумските пожари.
ФОТО | Армиските „Хермелини“ и „БТР“ оклопните возила стануваат противпожарни