Македонија не умее да го поправи кецот по рециклирање

Полни контејнери / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Македонија не напредува, туку назадува во областа на управувањето со отпадот. Според Годишниот извештај за квалитетот на животната средина за 2022 година што неодамна го објави ресорното Министерство, лани 35 општини собрале 402.236 тони и 423.023 метри кубни комунален и друг вид неопасен отпад за популација од 1.336.971 жители и речиси целосно го фрлиле во депониите без никаква преработка и третман. Од отпадот што се пресметува во тони преработени се едвај 0,5 отсто, а од оној што е пресметан во кубици, само 1,1 отсто!

Секој Македонец лани создал по 300 килограм отпад

Според извештајот на Министерството за животна средина лани секој Македонец создал по 300 килограм отпад. Ако е во некоја европска земја тој би селектирал и би компостирал најголем дел од таа количина, но во овдешни услови од создадените 300 килограми за цела година рециклирал 1,5 килограм, а компостирал едвај половина килограм отпад. Доколку нашите општини се во ЕУ, отпадот ќе создава пари за заедницата, а нашите градоначалници од собраните илјадници тони и кубици селектирале и обработеле само 2.083 тони и 4.686 кубици хартија, картон, пластика, стакло и метали. Компостирни се само  117 тони и 1.626 метрикубни отпад.

Собран и рециклиран отпад во 2022
извор: Извештај на МЖСПП

Лошото управување со отпад се гледа насекаде околу нас во валканите градови, преполнетите контејнери, во дивите депонии што горат покрај патиштата и ридовите ѓубришта што се слеваат по реките. Секоја година наново се констатира и во извештаите за напредокот на Македонија кон ЕУ што го подготвува Европската комисија, која дава и соодветни препораки што треба да се направи. Исто е и во последниот извештај за напредокот во2022 година, каде доминира истата констатација дека закони за управувањесо отпадот има, ама нема спроведување.

– Донесен е Националниот план за управување со отпад (за периодот 2021-2031 година). Националниот план за спречување на создавање отпад (за периодот 2021-2027 година) е изготвен, но сè уште не е донесен. Започнати се активности за создавање регионален систем за управување со отпад во неколку региони. Посебното собирање текови на отпад и економските инструменти за промовирање рециклирањето, повторната употреба и спречувањето за создавање отпад остануваат ограничени – се констатира, меѓудругото, во европскиот извештај во поглавјето 27 кое се однесува на животната средина и климатските промени.

Министерството податоците за собран отпад ги добива од општините, кои се обврзани да доставуваат годишни извештаи. Лани од 80 општини податоци доставиле само 35, што значи дека Министерството нема поим што прават со сметот останатите локални самоуправи.

– Многу општини не ги исполниле своите законски обврски и не доставиле годишни извештаи од градоначалниците за постапување со комуналниот и друг вид на неопасен отпад или доставиле извештаи кои не се многу прецизни по однос на количините на комуналниот и неопасниот отпад поради недостаток на мерни инструменти за истиот. Поради тоа и поради фактот што повеќе од 30 отсто од жителите не се опфатени со извештаите, изостанува можноста за донесување на прецизни заклучоци во однос на управувањето со комуналниот и неопасниот отпад во РС Македонија. Генерално може да се каже дека количината на создаден комунален и друг вид на неопасен отпад малку се зголемила во однос на минатата година – се вели во извештајот.

Во 2022 година добиени се извештаи од само осум депонии и тоа: Дрисла, Алинци во Прилеп, депонија во село Лески во Виница, депонија Крагуево во Демир Хисар, Мегленци во Битола, Русино во Гостивар и депониите во Велес и Охрид и во нив лани е отстранет е комунален и инертен отпад во вкупна количина од 372.580 тони и 305.164 метри кубни, како и 202,7 тони градежен отпад кој содржи азбест.

ЕУ бара да работиме побрзо

Секоја година ЕУ во своите извештаи за напредокот на Македонија констатира дека не ги спроведуваме законите за заштита на околината и дека имаме загаден воздух, вода и почва. Во врска со отпадот и годинава ни забележува дека општините не ги отвориле долгонајавуваните регионални депонии, а државата не ги стимулира граѓаните за селекција и рециклирање.

– Започнати се активности за создавање регионален систем за управување со отпад во неколку региони. Дополнително е одложено воспоставувањето на регионален систем за управување со отпад во Североисточните и Источните Региони поради отпорот на Општина Свети Николе да го прифати централниот капацитет за управување со отпад. Започнаа активности за затворање на неусогласени депонии во Источниот регион. Регионалните структури на управување со отпад сè уште не се целосно функционални. Во наредната година е потребно Македонија да ги спроведе плановите за регионално управување со отпад и да воспостави интегриран систем за управување со отпад – се вели извештајот,кој генерално,за обнласта жиботна средина воМакедонија имаопшта констатација дека административниот капацитет на сите нивоа е слаб, со недоволно човечки и финансиски ресурси за спроведување и применување на постојното законодавство.

Нема увоз на опасен отпад

Министерството за животна средина нема информација како е постапено со 8.760 тони и 1.746 метри кубни опасен отпад што е создаден од деловните субјекти. Ваквата состојба, кога за одредена количина на опасен отпад Министерството нема информации каде е и како се постапува со него се повторува во повеќе годишни извештаи наназад.

– Согласно важечката законска регулатива создавачите на опасен отпад се обврзани до Министерството да доставуваат годишни извештаи, што го сториле 143 деловни субјекти кои во процесот на своето работење создаваат опасен отпад. Тие пријавиле вкупно создаден опасен отпад во количина од 444.612 тони и 1.790 метри кубни. Пријавен е преработен опасен отпад во количина од 34.714 тони и 1.782 кубици. Деловните субјекти пријавиле сопствено отстранување, односно депонирање на количина од 401.201 тони. Времено се складирани се 698 тони и 8 метрикубни опасен отпад. Непрецизирано е постапувањето со 8.760 тони и 1746 метри кубни опасен отпад. Пријавен е и вкупно отстранет опасен отпад во количина од 244 тони – се вели во извештајот.

Во документот е наведено и дека создавачите на опасен отпад во индустријата не пријавиле увоз на опасен отпад. Истите пријавиле примен опасен отпад од правни и физички лица од нашата земја во количина од 5.506 тони. Има пријавен извоз на опасен отпад од страна на деловните субјекти кои го создаваат и тоа во во количина од 1.484 тони.

Опасниот отпад во Македонија во најголоема мера потекнува од производството во рудниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот