
Македонија „не мрда“ со реформите од Планот за раст на ЕУ, не остварила ниедна од 19-те планирани за годинава
Европската комисија ја објави табелата со резултати од Механизмот за реформи и раст за Западен Балкан, која го прикажува напредокот на Македонија и другите земји-кандидатки за членство во ЕУ во спроведувањето на реформите, вклучувајќи ги исполнетите чекори и исплатените износи.
Препорачано
Македонија од пет планирани чекори до декември минатата година остварила само два, или во проценти – исполнила само 40 отсто од обврските, за што доби околу 8,5 милиони евра „награда“.
Од планираните чекори за годинава, Македонија до декември треба да оствари 19 реформи за кои би можела да добие 134 милиони евра, а не остварила нитуе дна. Земјава вкупно се нафатила на 48 чекори кои треба да ги испорача до декември, заедно со заостанатите, за да добие вкупно околу 205 милиони евра од Брисел. Но, некои од тие реформи се „влечеле“ со децении, па тешко дека Македонија ќе успее да ги направи за неколку месеци, во кои има и избори, пишува „Независен“.
Државава меѓу другото се обврзала дека ќе направи план за реструктуирање на македонската железница заедно со инфраструктурата, дека ќе го зголеми бројот на инспектори во Инспекторатот за труд за 20 отсто, дека ќе ги пополни сите испразнети места во Агенцијата за одземање имот (таму очигледно нема интерес да трупа кадри), да направи тригодишен план за реновирање на владините згради, да го намали учеството во регулирањето на цената на струјата до 70 отсто, да изготви законодавство за сајбер безбедност, да обезбеди архивирање на електронската документација, да изготви нов закон за електронските комуникации, да ги регулира платите на судиите и на јавните обвинители според закон, да ги донесе новите закони за Судскиот совет и Совет на јавни обвинители.
Македонија исто така треба да изготви стратегија за државната сопственост и регистер, да ја намали неформалната вработеност до 20 отсто, дури 44 отсто од училиштата да добијат интернет, да изготви план за спречување на корупцијата, нов Кривичен закон со јасна дефиниција за злоупотреба на функција, со ограничувања и со санкции, да го опреми со експертски кадар Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, дури 80 отсто од државните и 75 отсто од локалните институции да поднесуваат интерен ревизорски извештај за трошењата и приходите, изборот на менаџери за јавните претпријатија да биде со три кандидати и до 40 отсто од јавните тендери да бидат преку аукции.
Ништо од ова не е направено, а од мониторингот на ЕУ единствена утеха е тоа што се гледа дека имало и полошо. Освен Црна Гора, која покажува висок степен на исполнување на обврските (дури 50 отсто), фаворитот за ЕУ од соседството, Албанија, има остварување од нула проценти, односно нема преземено никакви реформи и нема добиено ниту евро од Унијата. Такви се и остварувањата на Србија – чиста нула, иако Албанија, на пример, треба да добие многу повеќе пари од нас, а Србија – уште повеќе, пишува „Независен“.