
Македонија испорачува пратки за Израел и за Палестина- војната не го прекина поштенскиот сообраќај
Пошта на Северна Македонија би дејствувала според препораките на УПУ – Универзалната поштенска унија, ако во некој случај има престанок на работата од страна на Израелската или Плестинската пошта. Нашите пратки за споменатите држави се праќаат преку транзит центри, од кои немаме одлука за престанок на носење пратки, информираат за „Слободен печат“ од Македонска пошта
И покрај воените дејства, Македонска пошта не ги прекинала испораките на пратките за Израел и за Палестина. Од оваа институција за „Слободен печат“ истакнуваат дека нашите пратки се испорачуваат преку транзитни центри, од кои немаат одлука за престанок. Во меѓувреме, Пошта на Бугарија соопшти дека ги стопирале поштенските пратки за Палестина, откако добиле информација од операторот во Палестина дека поштенските услуги во земјата се суспендирани, а Пошта на Бугарија исто така нема да прифаќа секаков вид пратки. Пред шест дена бугарската државна компанија предупреди дека транспортот на пратките до Израел е отежнат и се очекуваат големи доцнења во нивната испорака.
Препорачано
– Во моментов нема препорака за престанување на носење пратки за Палестина и за Израел. Но нема и некоја препорака за неносење пратки кон овие земји – вели за нашиот весник Дардан Хисени, шеф на Кабинетот на генералната директорка на АД „Пошта на Македонија“.
Претставници на Македонска пошта во моментот се во Братислава, каде што се одржува генералното собрание на ПостЕуропа од каде што според Хисени, исто така нема некоја посебна препорака.
– Пошта на Северна Македонија би дејствувала според препораките на УПУ – Универзалната поштенска унија, ако во некој случај има престанок на работата од страна на Израелската или на Палестинската пошта. Нашите пратки за споменатите држави се праќаат преку транзит центри, од кои немаме одлука за престанок на носење пратки – објаснува Хисени.
Пред речиси една недела на веб-страницата на Пошта на Бугарија беше соопштено дека ги прифаќаат пратки до државата Израел, но поради воените дејства од 7 октомври 2023 година, има тешкотии во транспортот поради што се очекуваат големи доцнења во испораките. Во меѓувреме, десетина светски авиокомпании ги откажаа летовите за Израел, а вчера и „Ер Србија“ соопшти дека поради сложената безбедносна ситуација, можно е привремено стопирање на редовните летови до Тел Авив.
Од компанијата ги предупредија патниците што во наредниот период планирале да летаат од Белград до Тел Авив, да размислат своите летови да ги направат во најкус рок, бидејќи ситуацијата и процените се менуваат на дневно ниво и дека се отворени различни опции, кои вклучуваат и привремена суспензија на летовите до нормализацијата на состојбата.
Од туристичката агенција „Орфеј“, која редовно организира аранжмани со посета на светите места во Израел и на палестинските територии, велат дека ги известиле клиентите, кои имале резервирано патување во октомври, дека турата се откажува, иако имаат планирани тури и во месеците ноември, декември и јануари.
– За наредните месец дена се откажани аранжманите, а во зависност од ситуацијата во Израел ќе се носат одлуки, што понатаму. За турата што требаше да биде организирана од 20 до 24 октомври, известени се патниците дека се откажува, иако интересот беше голем. Последната тура ни беше во септември – велат од „Орфеј“ за Гласот на Америка.