
Македонија и Естонија ќе соработуваат во областа на геологијата и рударството
Размената на идеи и иницијативи за продлабочување на соработката, како и споделувањето добри практики во регулирањето и развојот на овие сектори, со акцент на зајакнување на правната рамка и институционалната размена на знаења, биле во фокус на состанокот меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Геолошкиот завод со делегација од Естонија, во чиј состав се истакнати експерти од геолошката и рударската област.
Препорачано
Министерката Сања Божиновска истакнала дека Македонија е решена да ги унапредува регулаторната рамка и практиките во рударството и геологијата, со цел исполнување на највисоките европски стандарди и одржлив развој на индустријата.
-Наш приоритет е да изградиме отпорен и одржлив рударски сектор, усогласен со нашите еколошки и економски цели – изјавила Божиновска.
Претставникот на естонската делегација, Сирли Сип Кули, директор на Геолошкиот завод во Естонија, изразил воодушевување од македонската регулаторна рамка во оваа област.
-Навистина сме импресионирани од силната правна рамка која Македонија ја има воспоставено во овој сектор. Се надеваме дека ќе ги искористиме вашите искуства за подобрување на нашето законодавство во областа на геологијата и рударството – рекол Кули.
На работниот состанок, освен претставници на Министерството и Геолошкиот завод, присутни биле и претставници на Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, Македонско геолошко друштво и претставници на Факултетот за природни и технички науки од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Естонската делегација, во рамките на посетата, извршила теренска обиколка на рудникот „Боров Дол“, каде што се запознале со активностите и инфраструктурата на локацијата.
-Овој значаен објект претставува пример за успешна интеграција на одржливо рударство и заштита на животната средина, овозможувајќи им на гостите да се запознаат со тековните еколошки практики кои ги спроведува Македонија во рударскиот сектор – наведуваат од Министерството.
За време на посетата двете делегации разговарале и за можностите за заеднички проекти во областа на геолошките истражувања, развој на нови технологии во рударството и иницијативи за заштита на животната средина. Тие изразиле заедничка подготвеност за продолжување на соработката и за размена на знаења и ресурси, со цел унапредување на оваа стратешка област за двете земји.
-Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува отворено за нови иницијативи и соработки кои ќе овозможат дополнително зајакнување на секторот за геологија и рударство, со придонес кон економскиот и еколошкиот развој на земјата – се наведува во соопштението.