Фото: Министерство за правда

Македонија го потпиша Третиот протокол кон Европската конвенција за помош во кривичната материја

Во соопштението се нагласува дека Протоколот бил потпишан во рамки на неформалната Конференција на министрите за правда на земјите членки на Советот на Европа, што се одржува во Ла Валета.

Покрај земјава, протоколот го потпишаа и Белгија, Велика Британија, Германија, Грузија, Грција, Литванија, Луксембург, Малта, Португалија, Романија, Сан Марино, Турција, Украина, Швајцарија и Шведска.

Европската конвенција за меѓусебна помош во кривичната материја е документ од 1959 година чија цел е овозможување поголемо единство меѓу членките на Советот на Европа, преку воспоставување на заеднички правила во областа на меѓусебната помош околу кривичните предмети и прашањата за екстрадиција.

„Договорните страни, во согласност со одредбите од оваа Конвенција, се обврзуваат меѓусебно да си обезбедуваат најширока можна меѓусебна помош во постапките во врска со кривични дела чие казнување спаѓа во надлежност на судските органи на страната барател. Оваа Конвенција не се однесува на апсења, извршување на пресуди или кривични дела според военото право, кои не се кривични дела според обичното кривично право“, се вели во документот.

Со Третиот дополнителен протокол кон Конвенцијата земјите членки на Советот на Европа, неговите потписнички, имаат за цел дополнително да придонесат во заштитата на човековите права, почитување на владеењето на правото и поддршката на демократското ткиво на општеството.

„Сметајќи дека за таа цел е пожелно да се зајакне нивната индивидуална и колективна способност за одговор на криминалот, (потписниците) одлучија во одредени аспекти да ја подобрат и дополнат Европската конвенција за меѓусебна помош во кривичната материја, склучена во Стразбур на 20 април 1959 година, како и Дополнителните протоколи кон неа од 17 март 1978 година и 8 ноември 2001 година“, се вели во документот.

Во него се додава дека во остварувањето на овие заложби земјите потписнички ќе се базираат на Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, склучена во Рим на 4 ноември 1950 година, како и на Конвенцијата за заштита на поединците во врска со автоматската обработка на лични податоци, постигната во Стразбур на 28 јануари 1981 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот