Македонската државна делегација на гробот на Свети Кирил во Рим

Македонија го чествува Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј

Со повеќе настани денеска во земјава се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Државно-црковната делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојува во Рим и во Ватикан на поконение на гробот на Свети Кирил, во рамки на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид ќе присуствува на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители. Мицкоски ќе се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“ што ќе се одржи во црквата Св. Софија.

Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, во Охрид се празнува и со низа други манифестации и настани.

Чествувањата започнаа вчера со научна трибина, продолжуваат денеска со Меѓународен хорски фестивал на сцената на Античкиот театар, положување цвеќе пред монументалниот споменик во Градскиот парк и детски поетски фестивал, а ќе бидат заокружени вечер во црквата „Св. Софија“ со концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“.

Во храмовите на МПЦ-ОА, пак, се одржуваат празнични богослужби во чест на светите браќа.

Родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија.

За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени.

Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање.

За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим.

Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот