
Македонија е лидер во искористеност на ИПАРД средствата, успешни примери се „Метро“ и „Фор лејди“
Се повикуваат апликантите, да се подготвуваат со проекти затоа што најавуваме дека набрзо ќе има повици за ИПАРД 3 – изјави министерот за земјоделство Николовски
Премиерот Димитар Ковачевски денес е во посета на компаниите „Метро“ и „Фор лејди“ – компании за кои кажа дека се успешни примери во искорисување на европските пари.
При посетата на „Метро“ тој потенцира дека Македонија стана лидер во искорисетност на парите од Инструментот за претпристапна помош за рурален равој (ИПАРД). Министерот за земјоделство Љупчо Николовски го дополни дека со тоа ние денес ги учиме другите земји во регионот како да ги искористат европските пари.
Препорачано
– Со ИПАРД 2 програмата се склучија 2.369 договори и се искористија 98 отсто од расположливите пари од ИПАРД 2 програмата, наспроти искористеноста на ИПАРД 1 кога се искористија само 20 отсто од парите. Поради високата искористеност на ИПАРД 2, Европската комисија не награди со зголемен износ во ИПАРД 3 за 61 процент. Имено, ИПАРД 2 изнесуваше 60 милиони евра, а ИПАРД 3 е 97 милиони евра. Вкупно, со средствата што треба да ги обезбедат корисниците на ИПАРД фондовите тоа се 210 милиони евра инвестиции во наредните 7 години. Новина е што за прв пат има 50 проценти на авансна исплата кон корисници од страна на Платежна агенција. Помагаме во развој на македонското земјоделство со нова опрема, а со ИПАРД 3 и за развој на рурален туризам. Се повикуваат апликантите, да се подготвуваат со проекти затоа што најавуваме дека набрзо ќе има повици за ИПАРД 3 – изјави Николовски.
Премиерот Димитар Ковачевски потенцираше дека парите од ИПАРД се неповратни, односно дека тие се подарок од Европската унија.
– Два сектора се многу битни-енергетиката и земјоделството. Ние како Влада сме обврзани да го помагаме земјоделството, тука нема можност за импровизации. Владата која ја предводам многу сериозно пристапи кон ИПАРД програмата, секој граѓанин независно дали е во рурална или во урбана средина заслужува еднакви можности. Кој било град или село да посетите ќе најдете табла дека некој проект е со поддршка од ИПАРД. Успешната реализација на ИПАРД проектите е одлично прифатена порака од страна на Европската унија – рече Ковачевски.
Тој рече дека сака да сведочи за успешни бизниси.
– Денес сум во посета на две компании кои се незаменливи во работата што ја вршат. „Метро“ е семејна компанија за трговија на големо, мало, за производи од свежа и замрзната риба и на овошје. Неколкукратно го има зголемено извозот и има 77 вработени. Следна дестинација што ќе ја посетам е „Фор лејди“ за производство на текстилни производи, пред сè чорапи. Машините што и двете компании ги обезбедиле преку ИПАРД го унапредуваат производството и им овозможија нивен развој и зголемено производство– потенцираше премиерот.