
Македонци се залетуваат за работа во Шведска, не знаејќи дека ги пикираат за чистачи на црно
Македонските граѓани кои бараат работа во странство се мета на измамнички огласи во кои им се нуди едно, а ги чека друго работно место, на црно и без работна дозвола. Македонки кои живеат во Шведска и се дел од групата Македонски амбасадори во Шведска, до редакцијата на „Слободен печат“ испратија допис во кој алармираат и апелираат македонските граѓани да не паѓаат во стапицата на овие „трагачи“ по евтина работна сила, бидејќи условите што ги нудат, ем се незаконски, ем се супстандардни.
Препорачано
„Ја известуваме македонската јавност, особено корисниците на социјалните мрежи кои се членови на групи што нудат посредување на работа во странство, да бидат исклучително внимателни околу веродостојноста на објавите околу посредувањето. Станува збор за злоупотреба на објави од страна на поединци за да стекнат материјална корист или евтина работна сила на штета на заинтересираните баратели на работа. Посредувањето за работа во Шведска на овој принцип е практично невозможно и противзаконско“, велат тие.
За што се работи?
Станува збор за огласи за сезонски работници во пицерии, ресторани, слаткарници, трговски центри, пошта, фабрики, фабрики за козметика со работен договор со „можност за добивање работна дозвола“.
Според нашите соговорнички, овие огласи воопшто не се за разгледување ниту за размислување.
– Овде се инволвирани македонски поединци кои агитираат за наоѓање на работници за сопствени фирми за чистење за да се избегнат трошоците за данок. Исто така, се работи и за поединци кои агитираат за провизија како посредници на црната берза на работна сила. Шведска има стриктна легислатива околу правото за добивање дозвола за престој, а со самото тоа и работна дозвола. Регуларно документите се поднесуваат преку шведската амбасада во Скопје за граѓаните со македонски пасош, а процесот на одобрување трае од три до шест месеци кога се работи за влез во Шведска врз основа на претходно склучен договор за работа и писмена покана од страна на работодавачот, рекоа тие за „Слободен печат“.
Нашите соговорнички на Фејсбук ја администрираат групата „Македонски амбасадори во Шведска“ која брои 5.800 членови. Во некои други групи се прави обид да се протнат огласите кои не се легитимни.
„Слободен печат“ се обрати во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија од каде потврдија дека на македонските државјани им е потребна работна дозвола за да работат во Шведска.
„Ова важи за кој било вид на работа, и сезонска и за подолг временски период. За добивање на работна дозвола за Шведска предуслов е да се има понуда за работа, како и договор за вработување, потпишан од двете страни, по што се аплицира за издавање на работна дозвола за престој. Најлесниот начин на апликација за дозвола за работа е електронски на веб страницата на Агенцијата за миграција, која е надлежна институција за издавање на дозволи за престој во Шведска. Процедурата налага работодавачот да ја отпочне апликацијата преку регистрација на понудата за работа, по што апликантот ќе добие електронска пошта со информации за следните чекори што тој треба да ги преземе во аплицирањето за работна дозвола. Ова е најбрзиот и наједноставниот начин на аплицирање“, велат од Амбасадата на Шведска во Македонија за „Слободен печат“.
Оттаму додаваат дека аплицирањето за работна дозвола може да се изврши и преку амбасадата на Шведска во Скопје, за што е потребно, преку онлајн формулар на веб страницата на амбасадата, да се закаже термин за прием на апликацијата.
Детални информации за процедурата за електронско аплицирање за работна дозвола се достапни на следниот линк. Електронската форма за закажување на термин за аплицирање преку Амбасадата на Шведска во Скопје може да се најде на следниот линк.
Нашите соговорнички од Шведска велат дека граѓаните се во ризик да им биде девалвиран личниот и економскиот интегритет, односно да бидат искористени преку противзаконски огласи за работа и апелираат на внимателност.