Гориво / Фото: МИА

Македонци, Косовци и Хрватка десет години правеле дубари со горива во земјава

ОЈО ГОКК соопшто дека дежурен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.

Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери.

„Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстра лесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација“, велат од ОЈО.

Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.

Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.

Јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени. Досега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот