LUX films days се одржуваат во Битола до 8-ми ноември

Меѓу трите филмови финалисти за награда е и македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска. Овој проект е познат во Европа по пан-европски симултани проекции на филмовите кои се во трка за наградата LUX FILM PRIZE за најдобар европски филм, во различни градови и држави, во идентичен тајминг.

„Киното при НУ Центар за култура Битола е селектирано, заедно со 25 други кина од над илјада европски кина, што ни претставува огромна радост. На 6-ти ноември во 20:00 часот одржавме бесплатна кино проекција на која беше прикажан македонскиот филм-кандидат за наградата, а по проекцијата во живо од Лондон на големото платно во Центарот за култура 700 посетители ја следеа сесијата со прашања и одговори организирана во рамките на овој значаен настан посветен на оваа престижна филмска манифестација во Европа. Ги покануваме сите љубители на филм да повелат до 8-ми ноември и да ги проследат проекциите“ вели Маја Андоновска-Илијевски, директорка на Центарот за култура Битола.

Наградата LUX од 2007 година ја доделува Европскиот парламент за достигнувања во кинематографијата. Наградата го насочува вниманието кон јавната дебата во Европската Унија и нејзините политики, и дава потпора за ширење на европските копродукции. Деновите на LUX филмовите се организираат во текот на есента во повеќе од 40 градови во Европската Унија и се видлив израз на ангажманите на Европскиот парламент во подрачјето на филмот и културата.

Филмовите кои се во финалниот избор се прикажуваат во 28 држави на ЕУ.

За нашиот кандидат: Филмот Господ постои, името ѝ е Петрунија, е во режија на Теона Стругар Митевска, а улогите ги толкуваат Зорица Нушева, Лабина Митевска, Петар Мирчевски, Виолета Шапковска, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Илија Волчески, Стефан Вујисиќ, Андријана Колевска, Владимир Тулиев. Во Штип, секој јануари, локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката и стотина мажи се нурнуваат по него. Добра среќа и просперитет се загарантирани за оној кој ќе го фати. Овој пат, Петрунија скока по крстот и успева да го дофати крстот пред другите. Останатите натпреварувачи се бесни, како се осмелува една жена да учествува во нивниот ритуал? Се превртуваат небо и земја, но Петруија цврсто стои на земја – таа го фати крстот и нема да го предаде. Филмот е добитник на бројни награди и се прикажува на престижни фестивали и во редовни кино проекции низ светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот