Вреди Фото: Фејсбук Вреди

Локалните избори – тест дали ќе има предвремени парламентарни!

Дека Вреди нема да биде дел од Владата ако изгуби на локалните, потврди првиот вицепремиер Изет Меџити, но и министерот за локална самоуправа Златко Перински. И двајцата се повикуваат на легитимитетот, кој Вреди би го имала ако киксне на изборите.

Локалните избори во албанскиот блок ќе бидат битка за „сè или ништо“, зашто од резултатот на владејачката Вреди ќе зависи дали напролет следната година Македонија ќе оди на предвремени парламентарни избори.

Дека Вреди нема да биде дел од Владата ако изгуби на локалните, потврди првиот вицепремиер Изет Меџити, но и министерот за локална самоуправа Златко Перински. И двајцата се повикуваат на легитимитетот, кој Вреди би го имала ако киксне на изборите. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, неодамна најави сериозна реконструкција на Владата по партискиот конгрес, кој треба да се одржи кон крајот на годинава, но и двапати навести дека се можни предвремени парламентарни избори.

Меџити во интервју за Телевизијата 24 рече дека е убеден оти Вреди на локалните избори ќе го повтори успехот од парламентарните избори, но не прецизира колку општини и советнички места ќе значат победа за Вреди. Тој е дециден дека ако изгубат на локалните, нема да чекаат премиерот Мицкоски да им ја покаже вратата, туку дека сами ќе излезат од Владата. Неофицијално, ВМРО-ДПМНЕ веќе им укажале на Вреди дека треба да освојат најмалку четири поголеми општини за да имаат легитимитет да останат на „Илинденска“.

– Ние сме фокусирани на локалните избори и на победа не во четири, туку во повеќе општини. Ако не го потврдиме легитимитетот, нема потреба некој да ни каже. Ние како губитници нема да останеме во Влада да ги претставуваме Албанците. Натпреварот во албанскиот кампус е во 17 општини и ние планираме да ги освоиме мнозинството општини, како и повеќе гласови на советничките листи од парламентарните избори. Очекуваме победа и во Тетово, Чаир, Гостивар, Дебар, Струга – рече Меџити.

И министерот Перински не ја исклучи можноста од одржување предвремени парламентарни избори, иако тврди дека Владата сега е стабилна. Тој беше прашан во контекст на тоа дека власта нема Бадентерово мнозинство и дали тоа може да биде тригер по локалните избори да има нов владин партнер или ќе се оди на предвремени парламентарни избори.

– Нашата коалиција е стабилна и функционира без никакви поголеми проблеми. Секако, во таа коалиција има субјекти кои се борат за своја визибилност и во рамките на парламентот и на локалните избори. Јас не очекувам дека до локалните избори ние би имале некаков потрес. Во суштина и сега поминуваат двотретински закони. Да, законот за локална самоуправа можеби е најсензитивен оти е потребен голем Бадентер, но јас не можам да ја сфатам пораката на опозицијата којашто не ги прифаќа овие Предлог-измени без да каже ниту еден аргумент. Навистина не очекувам поголеми потреси, но на крајот на денот, изборите се тие што го даваат или земаат легитимитетот. Ќе видиме каков ќе биде изборниот циклус, времето ќе покаже. Сега-засега коалицијата е стабилна – рече Перински.

Златко Перински мин. за локална самоуправа / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Премиерот првпат спомена предвремени парламентарни избори што би биле заедно со локалните на првото собраниско соочување со лидерот на СДСМ Венко Филипче, откако беше критикуван дека ВМРО-ДПМНЕ ги излажала граѓаните дека нема да ја користат придавката „северна“. Вторпат, исто од собраниска седница за пратенички прашања, Мицкоски навести можни парламентарни избори во контекст на завршување на процесот со трагедијата во Кочани, во која загинаа 62 лица, а повеќе од 200 се повредени. Тој тогаш рече дека ќе ја прифати одговорноста за трагедијата во Кочани откако ќе ги решат работите и дека тогаш од народот ќе ја побараат довербата.

Неофицијално, доколку Вреди изгуби на локалните избори, поголема е веројатноста да се оди на предвремени парламентарни избори отколку нов владин партнер да биде ДУИ.
ДУИ од формирањето на Владата, предводена од Мицкоски, бара предвремени избори, зашто, според нив, Вреди нема легитимитет во Владата, оти освоила помалку гласови од нивната коалиција Европски фронт. Сепак, од ДУИ се децидни дека не влегуваат во Влада без избори. Оттука евентуалниот пораз на Вреди на локалните би значело извесни парламентарни избори, а не влез на ДУИ во Владата на местото на Вреди. Дека предвремени парламентарни избори се во игра уште од формирањето на Владата, за „Слободен печат“ неодамна потврди лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тој тврди дека прв Мицкоски понудил предвремени избори, но потоа се премислил.

Али Ахмети за „Слободен печат“: Ако излезам на улица, враќање нема

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот