
Лога на средба со Абази, во фокусот предметот за модуларните болници
Министерот за правда Кренар Лога на сопствена иницијатива денеска се сретна со шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази. На средбата, како што информираат од Министерството главна тема била постапката, која е во тек во ова обвинителство, во врска со тендерот за набавка на модуларните болници.
Препорачано
На средбата меѓу другото, се разговараше за постапката која е во тек во ова обвинителство во врска со тендерот за набавка на модуларните болници, во рамките на која се преземаат дејствија со цел испитување на сите околности, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука – се наведува во соопштението од Министерството.
Тие разговарале и за новата Стратегија за развој на правосудниот систем 2023-2027 и реформите кои ќе бидат опфатени со неа. Абази го информирал министерот и за последната јавна набавка за уредување на новиот објект во кој наскоро ќе се пресели Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Во овој објект значително ќе бидат подобрени просторните услови за работа на јавните обвинители, а ќе биде опремена и современа форензичка лабораторија која значително ќе го олесни вештачењето на доказите – се наведува во соопштението и додаваат дека средбите ќе продолжат и во наредниот период.
Министерот Лога вчера оствари средба со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Се разговарало за постапките кои ги водат Основното јавно обвинителство Тетово и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово.
Од Министерството за правда не соопштија други информации и детали од самата средба.
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата која брои 17 членки, денеска побара оставка од Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, поради постапувањето на јавното обвинителство во врска со пожарот во тетовската модуларна болница во кој што 14 лица го загубија животот.
„Од изведеното во документарецот ‘Убиство во Тетово‘, истрагата на Јавното обвинителство за случајот не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во Службената експертиза на германските експерти, како резултат на што во јавноста се разгоруваат сомнежи за непрофесионално постапување на обвинителството и занемарување на околности кои можат да ги прошират обвиненијата и да инкриминираат други лица“, велат од Платформата за антикорупција.