Љубов или панаѓур

Треба да сме среќни што сме демократска држава, и сега останува да покажеме трпение, па од панаѓурот да видиме кој ќе понуди реално квалитетна и, пред сè, не фејк стока. Другото е до гласачите. Или сакаш фејк, или оригинал. Тоа е до критериумите.

Љубов ли е ова, или панаѓур? Албанската здружена опозиција и најголемата македонска опозициска партија (со приклучоците, ала Пајо) се збрале во заемна полуга на нагласена етнонационалистичка реторика?! Веднаш да ви кажам, љубов не е, туку е панаѓур, или во најмала рака блефирање со лоши последици. За ситна стокова размена.
Може си мислат што поевтина изборна стока пласираат, тоа повеќе профит ќе лапнат. Тоа вистина е во согласност со панаѓурска логика. Тука, особено интересна, е тезгата на Таравари, на која, во неговите „пет минути власт“ а по претходно најавени, демек спектакуларни визии за здравството (кај што, нели, бил најјак, како што тврдеше) јасно ни покажа еден куп циркуси: од специјализанти што ги лансираше во директори на Клинички, па сè до разрешување директори по фантастично ретардирани основи (истечен сертификат за англиски, хаха); па „држ-не дај“ партиски ставови; па чија е партијата. Оф, мори мајко, како некој „гладен лав”, т.е. ем гладен, ем ненаситен. Ем не ја научи лекцијата од претепаниот Села, кој во обид да направи смут, се заигра оној пат со ВМРО, а потоа, секако, се покаја.
Мицкоски, пак, е под сериозен крими-притисок од вечните вмровски опортунисти и старата добро позната постава од „на Грујо дрим-тимот“. Жал ми е за човекот! Како во менгеме е. Дури, најсвежо, па тој сега има и нови усти за хранење, оние од „третата постава“: кафеански вратари кои ораат низ државава. И тоа, баш во неговите први пет минути полувласт, јасно го промовира „новиот Урко“ – типот што ќе рекетира наоколу и ќе заташкува валкани работи на партиските војници. Овие се пуштени на најјако.
Но, ајде да видиме, може некој ќе ме демантира (дај боже), па ќе пресече со некое суперсмарт политичко решение. Ова, бидејќи верувам оти техничкиот министер за внатрешни, реализиран и докажан адвокат, борец за правата на народот, не е блесав да дозволи вакви типови да му се шуњаат низ Министерството, а уште помалку па да дозволи да имаат и некоја висока позиција! Мислам дека хит е вратаров, во смисла на сигурен неуспех… Макар што тој си знае најдобро…
Најпосле, овој 4 април (официјален почеток на кампањата) се надевам дека нема да биде отпочнат во духот на патерици од 1 април (Априлилили) и конечно, со големо исчекување во рамки на самата кампања ќе ги чуеме јасно и гласно визиите на Мицкоски и неговата претседателска кандидатка – каква визија ќе понудат, како ја гледаат државава и, конечно, ќе ни го откријат генијалниот таен план за нашите ЕУ-интеграции. Ова е многу важно, планот да го чуеме. Како што, на пример, го чувме од Пендаровски, од Османи, па дури и од Таравари.
Сега засега, проблемот не е ни идеолошки, ни концептуален, туку е малку патетичен и малку патолошки, затоа што Мицкоски и неговата кандидатка се однесуваат како да се во denial: невидливо и негаторски во однос на фактичката и реалната состојба на земјава. Како да ги негираат фактите дека сме држава – рамноправна членка во НАТО, и дека нашиот единствен пат во иднина е членствотo во ЕУ. Блурот и маглата што ја прават со оваа нивна (не)позиција можeби се само евтини трикови за народните маси, но можеби и не се?! И, токму тоа е и проблематично.
Прво, од причина што во тој опфат, впрочем и умерениот десен центар никако не би можел да се идентификува со овој блуриран став, кој во суштина и не е став; второ, можно е повторно ќе ја извадат мантрата „разумен џирло компромис“; трето, таквиот став носи сериозни ризици за земјата.
Сепак, треба да сме среќни што сме демократска држава, и сега останува да покажеме трпение, па од панаѓурот да видиме кој ќе понуди реално квалитетна и, пред сè, не фејк стока. Другото е до гласачите. Или сакаш фејк, или оригинал. Тоа е до критериумите.

Рацин.мк

(Авторот е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот