Лиз Трас/ Фото EPA-EFE/MILAN JAROS

Лиз Трас денеска ја презема функцијата премиер на Велика Британија

Лиз Трас денеска ќе го замени Борис Џонсон на функцијата премиер на Велика Британија, откако Кралицата Елизабета побара од неа да формира нова влада за да се справи со енергетската и економската криза.

Трас го победи партискиот ривал Риши Сунак во гласањето за лидерство на Конзервативната партија, ветувајќи дека ќе ги намали даноците и ќе им помогне на луѓето околу сметките за енергија во мигови кога Велика Британија се соочува со растечка енергетска криза.

„Ви благодарам што ми верувавте да ја водам нашата голема земја. Ќе преземам храбри чекори за сите нас да ги поминеме овие тешки времиња, да ја зајакнеме нашата економија и да го отклучам потенцијалот на Обединетото Кралство”, рече таа.

Трас ќе го наследи Борис Џонсон кој во јули беше принуден да објави оставка на функцијата по серијата скандали што му ја намалија поддршката, а министри од неговиот кабинет поднесоа оставки за да го принудат да се повлече.

Џонсон ќе има свое обраќање пред „Даунинг стрит”, а потоа ќе замине за Шкотска за да се сретне со Кралицата Елизабета во нејзината резиденција во замокот Балморал, каде официјално ќе ја поднесе оставката. По Џонсон, Трас ќе се сретне со кралицата за да добие мандат за формирање влада. Новата премиерка ќе им се обрати на граѓаните, а потоа ќе почне да ги именува министрите во нејзиниот кабинет.

Трус ќе стане четвртиот конзервативен премиер во последните седум години, во време кога Велика Британија влегува од една криза во друга. Моментално земјата се соочува со можност за долга рецесија и натамошен раст на инфлацијата што во јули достигна двоцифрено ниво.

Церемонијата за смена на премиерот и назначување нов што вообичаено се одржува во Бакингемската палата, овојпат ќе се одржи во Балморал каде летува кралицата, која поради проблеми со движењето била спречена да отпатува за Лондон.

Борис Џонсон ја поддржа новата премиерка, порача дека Британија ќе ја надмине кризата

Сите британски премиери за време на владеењето на кралицата Елизабета Втора

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот