
Лисичани не веруваат во „добрите“ намери на Општина Аеродром: Ќе има ли нов ДУП по мерка на граѓаните?
Населбата Лисиче ќе добие нов детален урбанистички план кој ќе биде во согласност со барањата на граѓаните, тврдат од Општина Аеродром. Оттаму додаваат дека новата верзија на урбанистичкиот план која е во фаза на изработка ќе ги опфати најголемиот дел од забелешките на граѓаните, дадени преку јавната анкета и ќе реши голем дел од проблемите на граѓаните на овој дел од општина Аеродром.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Жителите на Лисиче, организирани во иницијатива „Да го зачуваме Лисиче“ веќе два месеци укажуваат дека предложениот ДУП за Градска четврт ЈИ09 блок 09.01 не е „скроен по нивна мерка“, односно не одговара на нивните интереси. Тие вчера на протест го искажаа своето незадоволство и гласно кажаа „не“ за изградба на згради во нивната населба, затоа што сметаат дека со неговата реализација ќе се наруши спокојниот живот во населбата, ќе се зголеми загадувањето, ќе се загрози здравјето на луѓето и квалитетот на животната средина.
Предложениот ДУП, кој ги крена лисичани на нозе, предвидува во населбата да се изградат девет згради, од кои една 11-катница и три на седум ката. На празниот простор покрај булеварот Србија, има маркички за четири големи згради, а уште пет се предвидени покрај улицата 12. Македонска бригада, со приземје, четири ката и поткровје.
Од Општина Аеродром пак сметаат дека протестите на жителите имаат политичка заднина со единствена цел – да ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми со кои се соочува државата.
Затворањето и блокирањето улици е аматерски обид за политичко поентирање. Граѓаните се сведоци и јавноста памети дека пред неколку години, исти вакви политички протести со шарени бои, тогаш донесоа политичка криза, хаос во градот, а на долг рок истите беа основа за нова влада, која сега е симбол на корупција, криминал, сиромаштија и беззаконието во државата. Шарената боја на вчерашните протести е само потврда и уште еден доказ за коалицијата помеѓу СДСМ и Левица. Коалиција која шири лаги и невистини, создава вештачки кризи и не носи никаков бенефит за граѓаните – велат од Аеродром.
Оттаму додаваат дека се во секојдневна комуникација со граѓаните и дека на тој начин се бараат и решенија за нивните проблеми. Затоа, од Аеродром ги повикуваат граѓаните да не подлегнуваат на лаги и дезинформации со кои, како што тврдат, СДСМ и Левица ја манипулираат јавноста. Тие ги потсетуваат граѓаните на сработените проекти во изминатиот период како што се паричен надоместок за дечињата од прво одделение, граѓаните од Лисиче да плаќаат за 50% помали комуналии при изградба на куќи, учениците да добијат бесплатни таблети, жителите на Островска да добијат нов спортски центар, оние кои живеат во Реонски центар и Стар Аеродром да добијат нов паркови, дечињата да добијат нови игралишта во училиштето “Љубен Лапе” и во близина на училиштето „Ѓорѓија Пулевски”, а лисичани да добијат нови улици.
Лисичани не веруваат дека во втората верзија на планот, што го најавува Општината, ќе се избришат зацртаните згради и сметаат дека тврдењето дека во ревидираниот план ќе се земат предвид забелешките кои пристигнале од граѓаните, биле само обид да се спречат нивните протести. Нивниот став е дека не сакаат бетонизација и дека во Лисиче нема место за згради.
Имено, непосредно пред протестите на жителите, од Аеродром објаснија дека втората верзија на овој ДУП се изработува откако Комисијата за урбанизам ги разгледала и ги прифатила најголемиот дел од забелешките во рамките на јавната анкета која се спроведе изминатиот период.
По завршување на оваа фаза, Општина Аеродром ќе објави нова ревидирана верзија на Деталниот урбанистички план. Интересот на граѓаните е приоритет во носењето на одлуките во Општина Аеродром, вклучително и оние од областа на урбанизмот. Одлуките кои ги носиме како општина имаат цел решавање на клучните проблеми и подигнување на квалитетот на живеење во општината, за што клучна улога има дијалогот и отворената постапка на носење одлуки во согласност со потребите на граѓаните – информираа од Аеродром.