
Лица со посебни потреби од Тетово без подршка од властите, напорно со подготовки за Параолимпијадата во Берлин
Десетина лица од Тетово со попреченост на „пат“ кон Специјалната олимпијада во атлетика за лица со лесна интелектуална попреченост, која следната година ќе се одржи во Германија.
Препорачано
Тие со својот тренер Ифраим Љута се подготвуваат со специјални тренинзи во една од спортските сали во Тетово.Нивната желба голема, откако на последната Олимпијада во Абу Даби, се вратија со два сребрени и два бронзени медали
„Покрај редовниот тренинг на кој може да учествуваат сите деца со попреченост, ние посебно се подготвуваме за претстојната Специјална олимпијада која ќе се одржат во јули во Берлин. Од Тетово ќе биде избран само еден учесник кој ќе може да учествува и да ја претставува Македонија. Тој ќе се натпреварува во дисциплините трка на 50 метри и скок во далечина од место. Очекувам до крајот на месецот да се одреди учесникот“, вели тренерот на тетовската екипа Ифраим Љута.
Иако сите напорно тренираат, поради новите правила, на олимпијадата ќе може да учествува само еден од нив. Тимот на Македонија на последната ваква олимпијада, имаше 5 претставници во атлетика, но според добиената квота од организаторот Македонија ќе има само двајца атлетичари, еден во женска конкуренција и еден во машка.
Ифрам Љута кој ги тренира лицата со попреченост од Тетово е со тешко оштетен вид. Работата како што ни раскажа ја обавува волонтерски, но подготовките и учеството на Олимпијадата ги покрива организацијата Специјална олимпијада Македонија. Од властите вели немаме подршка.
„На локално ниво немаме помош. Аплициравме со еден минимален проект, но не одбија, па дури не нé информираа и зошто нé одбиле. Но, и покрај ова ние продолжуваме понатаму и еве веќе десет години работиме чисто на волонтерска основа. Секако, да имавме финансиска помош, тоа сигурно ќе го правевме на повисоко ниво. За среќа имаме добра соработка со организацијата Специјална олимпијада со која реализиравме неколку проекти, а тие исто така ги покриваат трошоците за подготовка за учество на нашите претставници на Светска специјална олимпијада“, вели Љута
На Светска специјална олимпијада која ќе се одржи наредната година во Германија во Берлин од 17 до 25 јуни, се очекува да учествуваат над 170 земји од светот со над 7.000 учесници.