Сашо Мијалков
Сашо Мијалков / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Левица: Власта молчи додека Мијалков гради на Охридското крајбрежје

Левица обвини дека компанијата „Дивелоп Груп“ на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков интензивно гради на самото крајбрежје на Охридското езеро, во локалитетот познат како Горица 3.

Од партијата додаваат дека историјата на овој луксузен хотел е контроверзна, а за неговите потреби беше уништена и опожарена шума стара 70 години, додека виновниците за пожарот никогаш не беа лоцирани.

Скандалозно е велат од Левица, тоа што овој хотел се гради во критична зона, за која и во Планот за управување со Охридскиот регион е нотирано дека треба да се сопре било каква урбанизација, се додека не се усвојат сите плански документи за заштита на природните реткости, кои постојано се под напад од спрегата урбанистичка мафија-власт.

Информациите со кои располагаат во Левица, се дека за овој хотел никогаш не било изготвено Решение по елаборат за животна средина – документ без кој не е возможно воопшто да се издаде одобрение за градба.

„Но, за луксузниот хотел на Мијалкови молчи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, чиј цел мандат го одработи единствено за интересите на неколку локални моќници во бизнисот со градежништвото. Молчи инспекторатот за животната средина, молчи Управата за заштита на културно наследство, додека секојдневно премиерот Мицкоски најавува дека одговорност мора да има за сите.

Јавно го прашуваме претседателот на Владата дали ќе има одговорност и за нивниот поранешен сопартиец, Сашо Мијалков, кој своето богаство го наталожи за време на владеењето на ДПМНЕ, а амнестијата ја доби под закрила на СДС?! Се работи за флагрантно дивеење и кршење на законите, каде Мијалков се стекна со 15.000 квадрати државно земјиште на една од најатрактивните локации во Охрид, додека пак скандалозно донесен урбанистички план воопшто не е ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

Градоначалникот Пецаков, очигледно за да ги задоволи бизнис-интересите на поранешните функционери на ДПМНЕ, не ја реализира својата законска обврска за изменување на урбанистичкиот план на Горица 3, со што де факто ќе го спречеше беззаконието кое во континуитет го деградира Охридското крајбрежје. Наместо празните флоскули на власта дека “и сопствениот брат ќе одговора”, #Левица апелира да почнат од својот поранешен висок функционер, кој очигледно е амнестиран од здружените интереси на ДПМНЕ и СДС“ порачуваат од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот