Левица предложи 18 месеци платено породилно отсуство

Пратеничката група на Левица во Собранието предложи нов закон  – породилното платено отсуство да се зголеми на 18 месеци.

Како што велат од партијата, со донесувањето на овој закон не само што ќе се подобри положбата на мајките и семејството, туку ќе се создадат темели за решавање на најголемите демографски проблеми кои го засегаат општеството.

„Во светот и Европа, долгото платено породилно отсуство е веќе утврдена практика, а Македонија има можност да го следи примерот на успешните земји и да инвестира во иднината на своите најмлади. Историските податоци за наталитетот во Македонија покажуваат алармантен пад на бројот на новороденчиња во последните три децении. Според податоците од Заводот за статистика на Македонија, бројот на новороденчиња постојано опаѓа, а во 2023 година беше забележан пад на бројот на новороденчиња на 22.759, што е значителен пад во споредба со 35.000 новороденчиња во 1991 година. Овој пад не е само бројка на хартија – тоа е аларм за општеството и за Владата, кој бара сериозни интервенции и стратегии. Овој пад кој изнесува повеќе од 30% за нецели 30 години е сериозен показател за демографските промени кои се случуваат во земјата“, велат од Левица и додаваат:

„Дополнително, ако се погледне индексот на природен прираст, во последните години Македонија се соочува со негативен природен прираст, што значи дека бројот на смртни случаи ја надминува бројката на новороденчиња. Во 2022 година, бројот на смртни случаи бил 32.700, што доведува до значителен пад на вкупното население. Овој тренд е загрижувачки и ја нагласува потребата од сериозни мерки за поддршка на семејствата и мајките. Земјите со успешни демографски политики, како што се Шведска и Финска, веќе долго време применуваат долготрајно породилно отсуство, а Македонија има можност да го следи нивниот пример. Примената на 18 месеци платено породилно отсуство во овие земји има позитивни ефекти не само на здравјето на мајките и децата, туку и на економската стабилност на семејствата, што е суштински фактор за раст на наталитетот. Жените во Македонија сочинуваат 40% од вкупното население, но поради семејните обврски се подложени на дискриминација. Младите жени често се соочуваат со одбивање од страна на работодавачот поради страв од трошоци за породилно отсуство. Мајките, пак, кои не се вработени или работат неформално, немаат право на финансиска поддршка и породилно отсуство. Македонија дури и заостанува зад Србија и Бугарија во времетрање на породилното отсуство. Ова е суштинско право кое државата мора да го оствари“, се вели во соопштението на Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот