Левица предлага законски измени за крај на партиските вработувања во здравството

Пратеничката група на Левица денеска поднесе предлог за изменување на Законот за здравствената заштита, со кој бара да се стави крај на долгогодишната пракса на партиски вработувања и самоволие во изборот на кадар во здравствените установи.

Од партијата велат дека постојниот закон содржи правна недореченост која овозможува директорите на јавните здравствени установи, без осврт кон стручноста или резултатите од конкурсот, самостојно да одлучуваат кој кандидат ќе биде вработен.

„Со други зборови, ова значи дека при вработување на здравствени работници, вработувањата се вршат исклучиво според волјата на самиот директор на здравствената установа, наместо според принципите на стручност и меритократија,“ кажа пратеничката Јована Мојсоска од Левица на денешната прес-конференција, додавајќи дека вака поставениот систем сериозно го нарушува квалитетот на јавното здравство и придонесува кон иселување на најдобрите медицински кадри од земјава.

Во предлог-законот што Левица го поднесе, се предлага изменување на членот 161 од Законот, со што здравствените установи ќе бидат обврзани да го вработат кандидатот кој е најдобро рангиран на ранг-листата, согласно со утврдените критериуми на конкурсот. „Последен ваков пример каде прворангиран кандидат беше одбиен за работа, беше пред само еден месец во здравствен дом во Вевчани, каде најдобро рангираниот кандидат беше скандалозно одбиен, а вработени беа послабо квалификувани лица” – потсети Мојсоска.

Поради ваквиот третман на државата кон здравствените работници, Мојсоска рече дека нашите најдобри лекари и медицински сестри денеска лечат во Германија и во другите европски држави. Во Македонија, пак, како што нагласи таа, се испраќа јасна порака дека е поважна партиската книшка отколку стручноста и професионалноста.

„Иако во минатото сите предлог-закони на Левица инстантно беа одбиени од владеачкото мнозинство, без воопшто да дојдат на дневен ред, ние повторно апелираме пратениците од власта да ја надминат своjата партиска суета и да го поддржат ова предлог-законско решение. Затоа што сметаме дека јавното здравство не смее да биде тема на ситни политички калкулации во услови кога и во минатото се покажа дека колапсот на здравствениот систем и тоа како може да чини човечки животи” рече таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот