
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата, спротивно на Колективниот договор
„По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии. Новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. И натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат“, велат од Левица во вечерашното соопштение до јавноста.
Препорачано
„Според вработените, секоја година трае истото лудило и секоја година во март и април остануваат без плати. Велат дека се разочарани од Министерството. Упатија порака до министерот Зоран Љутков преку транспарент со зборовите „Извини Зоки, морално (ли) беше!“. Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
„Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура“, пишува во партиското соопштение.