Градски двокатни ЈСП автобуси на Рекорд / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Левица: ЈСП е на работ на ново изживување поради монополот и каматите на „Пуцко Петрол“

Од политичката партија Левица обвинуваат дека недостигот на гориво потребно за, како што велат, „крвотокот на градот – ЈСП“, е резултат од монополот со казнени камати на главниот и единствен снадбувач „Пуцко Петрол“.

„Крвотокот на градот – ЈСП уште еднаш пред работ на ново изживување во име на профитот, овој пат од компанијата ,,Пуцко Петрол”, кој играјќи монопол со казнени камати и камати на камати го вовлече јавното претпријатие во должничко ропство“, се наведува во соопштението од Левица.

Оттаму обвинија дека во последниве четири години локална власт во Градот предводена од ВМРО-ДПМНЕ, претпријатието е во најлоша финансиска и организациска состојба во историјата, земајќи предвид дека во еден мандат се сменети четворица директори.

„Во последниве четири години, додека ВМРО-ДПМНЕ ја води локалната власт во Град Скопје, ЈСП е турнато во најлоша финансиска и организациска состојба во својата историја. За тоа сведочи и динамиката со која дури тројца од четири директори условно „дезертираа” во само еден мандат, оставајќи целосен хаос зад себе – ненавремени плаќања кон побарувачи, сомнителни договори со истите, како и рекордни блокади од приватниците.

Од партијата го дефинираа договорот на ЈСП со „Пуцко Петрол“ како „премија“, бидејќи, како што велат, во моментот на потпишување пазарната цена на дизелот била 86.5 денари по литар, а компанијата наплаќала дури 118 денари од продаден литар дизел.

„Договорот со „Пуцко Петрол” е премија од првиот ден. Во октомври 2022 година, ЈСП склучи договор за набавка дизел со „Пуцко Петрол“ на фиксна цена од 100 ден/л + 18% ДДВ = 118 ден/л . Во моментот на потпишување пазарната цена на дизелот беше околу 86,5 ден/л. Тоа значи дека ЈСП уште од првиот ден плаќаше повеќе од пазарот, премија од 31,5 ден/л, или над 7 милиони евра дополнителен трошок на вкупниот обем (14 милиони литри).

Овој договор беше склучен во отворена постапка, но „Пуцко Петрол“ беше единствениот понудувач. Причината е во клаузулата дека ЈСП може да плаќа во рок до 90 дена по добиена фактура. Другите нафтени компании не се нафатија на вакви услови, фактички да го кредитираат ЈСП со гориво три месеци без наплата. Резултатот од ваквиот договор беше погубен по финансии: според пресметките, на оваа цена ЈСП губеше околу 500.000 евра месечно само на разликата во цена на горивото.“, се вели во партиското соопштение.

Од Левица велат дека Државниот завод за ревизија во својот извештај за 2023 година експлицитно нотирал дека ова е спротивно на договорот и на законската регулатива и препорачал најмалку 50 отсто од овие камати да се коригираат, но тоа не било направено.

„ЈСП денес не е јавен сервис, туку жртва на договори што служат за приватен профит“, заклучија од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот